Ќе се зголеми ли старосната граница за пензија? ММФ и Светска банка ќе го анализираат пензискиот систем
Владата засега нема донесено одлука за спроведување пензиски реформи, иако се разгледуваат можни решенија за иднината на пензискиот систем, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Препорачано
Таа посочи дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка ќе спроведат детална анализа на пензискиот фонд и на првиот и вториот пензиски столб, по што ќе изготват препораки за можни реформи. Сепак, нагласи дека Владата не е обврзана да ги прифати нивните предлози.
-Официјално во Владата не сме разговарале, ниту е донесена конечна одлука. Ги анализираме состојбите и врз основа на тоа ќе постапуваме. ММФ и Светска банка ќе направат анализа на пензискиот фонд, а потоа ќе дадат препораки кои не значи дека ќе бидат прифатени од Владата- рече Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, за 2026 година во Буџетот се обезбедени сите 19,6 милијарди денари што треба да се префрлат во Вториот пензиски столб, со што, како што нагласи, нема да има промени во планираните трансфери.
Таа очекува една од препораките на меѓународните финансиски институции да биде зголемување на старосната граница за пензионирање, но потенцираше дека тоа не значи автоматски и промена на законските решенија.
-Веројатно ќе препорачаат зголемување на старосната граница за пензионирање, што е очекувано, но дали Владата ќе го прифати тоа, останува да се види. Треба прво да ги добиеме анализите и препораките- истакна министерката.
Таа додаде дека според проценките на ММФ, најголемиот долгорочен предизвик за одржливоста на пензискиот систем е демографската состојба.
-На среден рок состојбите може да се стабилизираат, но демографските трендови претставуваат сериозен ризик. Ако нема подобрување, на подолг рок тоа сигурно ќе има негативни последици врз пензискиот фонд- рече Димитриеска-Кочоска.
Во однос на можноста за продолжување на работниот век, министерката изнесе личен став дека не треба задолжително да се зголемува старосната граница за пензионирање, туку граѓаните да имаат право сами да одлучат дали ќе продолжат да работат и по исполнување на условите за пензија.


