Дац и Александар - Фото: Слободен печат

ФОТО | Дац и Александар ја промовираа првата грамофонска плоча: „Уште ми фалиш“ ја направивме да биде црвена, како бојата на љубовта

Во топла и пријателска атмосфера популарното дуо Драган Спасов – Дац и Александар Митевски ја промовираше првата заедничка грамофонска плоча „Уште ми фалиш“. Овој винилен првенец е реализација на идејата на Дац, кој, како што самиот вели, израснал „на плочи“. Самиот настан помина во знакот на нивната препознатлива енергија со многу љубов, музика и поддршка од некои од најголемите музички имиња.

Дац и Александар – Фото: Слободен печат

Ова издание се разликува од класичните формати не само по содржината, туку и по својот визуелен и физички изглед. Наместо традиционалната црна боја, плочата е изработена во впечатлива црвена, која ја симболизира љубовта со која се создавани овие композиции. Дац на хумористичен, но и многу сликовит начин ја објасни трајноста на овој носач на звук:

– Плочата не можеш да ја изгубиш како у-ес-бе, таа останува трајно. Не велам дека со шајка не можеш да ја изгребеш, но кој би изгребал плоча со шајка? Во мое време сите беа црни плочи. Сега разбрав дека може ваква да биде. Ја направивме да биде црвена, како бојата на љубовта. Целиот омот е, всушност, направен од хартија, сликите се направени од хартија и целиот дизајн има симболика.

Најемотивниот момент беше делот во кој му оддадоа почит на човекот што остави неизбришлив белег во македонскиот етер и музичка култура – легендарниот радиоводител и музички промотор Драган Б. Костиќ. Со длабока почит и емоција, Александар им подари плоча на членовите на неговото семејство, која ќе ја дополни неговата богата колекција на винили.

– Драган Б. Костиќ не е повеќе меѓу нас, што ми е многу жал и многу ми фали, како што е и песната „Уште ми фалиш“. И би сакал да го поздравиме со аплауз, големите уметници се поздравуваат со аплауз. Не успеа да дочека, ама желбата што ја имаше е да го извадиме на плоча она што го правиме јас и Дац како дуо. И конечно, еве ја плочата, дојде. Па скромно би сакал да ја доделам за неговата колекција, за колекцијата на Драган Б. Костиќ, на неговото семејство, поточно на Ели и Бане – изјави Александар на промоцијата.

Дац и Александар – Фото: Слободен печат

Покрај емотивните говори и преслушувањето на плочата, посебен сјај на оваа промоција ѝ даде присуството на ветераните на македонската музика. Во првите редови, како специјални гости и огромна поддршка на Дац и Александар, беа легендарните сестри Маријана и Росана Сариќ, чие заедничко појавување секогаш буди длабока носталгија за златните времиња на македонската поп-музика. Покрај нив, со своето присуство и препознатлив позитивен шарм настанот го збогати и доајенот на македонската народна песна Блага Петреска.

Промоцијата заврши во знакот на дружење, споделување импресии и звукот на црвениот винил, оставајќи уште еден траен белег во македонската музичка историја.

Дац и Александар – Фото: Слободен печат
Дац и Александар – Фото: Слободен печат
Дац и Александар – Фото: Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот