Фото: МВР

Полицајци со радари ќе ги ловат тротинетџиите

Преку акциски и редовни контроли и со радари, полицијата ќе ги лови прекршителите на сообраќајни правила што возат електрични тротинети. На овој начин, како што нè информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), ќе се спроведуваат измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со кои се регулира управувањето електрични тротинети во јавниот сообраќај.

Ве известуваме дека МВР во согласност со надлежностите врши регулирање и контрола на сообраќајот заради почитување на правилата на сообраќајот на патиштата од учесниците во сообраќајот, спречување на вршење казниви дела против безбедноста на сообраќајот, како и откривање на нивните сторители и преземање соодветни мерки. Контроли се спроведуваат при редовното работење, како и преку спроведување акциски контроли, со непосредно забележување од полициските службеници и со употреба на технички средства – уреди, со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата“, информираат од МВР.

Доколку при контролите се утврди дека сторителот на сообраќајниот прекршок е дете, додаваат оттаму, се преземаат соодветни мерки во согласност со одредбите од Законот во кој е предвиден прекршокот или кривичното дело и Законот за правда за деца.

Со донесувањето на измените на Законот, максималната брзина на електричните тротинети се ограничува на 20 километри на час, наместо досегашните 25, а на малолетниците целосно им се забранува управувањето со електричен тротинет. Строго се забранува и возење на две лица на еден тротинет, како и други практики што ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.

Од МВР не знаат како ќе се контролира изнајмувањето електрични тротинети што малолетниците често го практикуваат и дали ќе бараат од компаниите што ги изнајмуваат да ја ограничат брзината на тротинетите на 20 км/ч, дали ќе има ограничувања во поглед на тоа кој ќе може да изнајми тротинет, односно што ќе се случи ако некој биде фатен како непрописно вози изнајмен тротинет кога казната пропишува одземање на возилото.

Со измените на Законот во делот за електрични тротинети се заострува и казнената политика за сторителите на прекршоците. Предвидени се и високи парични казни, кои можат да достигнат и до 275 евра, во зависност од видот на прекршокот. Во конкретни случаи, покрај изречената глоба, се предвидува и одземање на возилото. Ова е предвидено ако со електричниот тротинет управува малолетник, односно кога е пречекорена дозволената брзина или ако на тротинетот се превезуваат двајца. Иста казна е предвидена и ако вози под дејство на алкохол. Освен првата, другите прекршочни одредби што повлекуваат одземање на електричен тротинет се однесуваат на возачите на тротинет што имаат 18 или повеќе години, но со измените им се воведуваат обврски за управувањето со овој вид превозни средства.

Возачот на лесно електрично возило не смее да управува со возилото на начин на кој се намалува стабилноста на возилото и ја попречува или ја загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да вози на едно тркало, да превезува, да влече или турка предмети и слично… Возачот на лесно електрично возило не смее да превезува други лица, односно не смеат да се превезуваат други лица за време на управувањето со возилото… Возач на лесно електрично возило не смее да управува со возилото во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возилото ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност“, се дел од одредбите што сега влегуваат во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот