Апаратите повторно се вклучени, пациентите се безбедни — уверуваат од Онкологија
Откако по силното невреме што го зафати Скопје беа исклучени апаратите на Клиниката за радиотерапија и онкологија, оттаму денес информираат дека состојбата е ставена под контрола и дека пациентите се безбедни.
Препорачано
Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, вчера потврди дека за да се спречи поголема опасност, биле исклучени сите апарати за радиотерапија.
Пациенти кои биле присутни во објектот рекоа дека по навлегувањето на водата во ходниците биле поставени ќебиња и чаршафи, со цел да се впие водата и да се олесни санацијата на просториите.
Од клиниката соопштија дека поради навлегување вода во просторијата наменета за пациенти кои примаат терапија со радиоактивен јод, пациентите биле преместени во друга просторија.
Во координација со Институтот за нуклеарна медицина и со Дирекцијата за радијациона сигурност биле извршени дополнителни проверки и мерења, по што било утврдено дека нема радиоактивна контаминација.
„Ја информираме јавноста дека безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал во ниту еден момент не беше загрозена, а состојбата е целосно ставена под контрола“, соопштија од клиниката.
Оттаму додаваат дека надлежните служби продолжуваат да постапуваат согласно важечките безбедносни протоколи со цел да се обезбеди непречено функционирање на установата.
ВИДЕО+ФОТО | Невреме во Скопје, улиците поплавени, сообраќајот во хаос


