Избрана нова влада фото Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

ВМРО-ДПМНЕ им одзема дел од моќта на Вреди и на ЗНАМ – експерти за реконструкцијата

Политиколозите се единствени во ставот дека со реконструкцијата, носечката партија во Владата ВМРО-ДПМНЕ за втората половина од мандатот – ја засилила својата политичка моќ во однос на помалите коалициски партнери Вреди и ЗНАМ. Според нив, во новата распределба на моќта во Владата, во која неприкосновено доминира ВМРО-ДПМНЕ, битна улога одиграле и локалните избори и рејтинзите на владејачките партии.

Од ставови дека владината реконструкција требало многу порано да се случи бидејќи некои министри на половина од мандатот не покажале никакви резултати, до констатацијата дека смената на дел министри е очекувана и навремена, варираат оцените на политичките аналитичари откако премиерот Христијан Мицкоски ги обелодени смените и ротациите на министри во владиниот кабинет.
Политиколозите се единствени во ставот дека со реконструкцијата носечката партија во Владата – ВМРО-ДПМНЕ – за втората половина од мандатот ја засилила својата политичка моќ во однос на помалите коалициски партнери Вреди и ЗНАМ. Според нив, во новата распределба на моќта во Владата, во која неприкосновено доминира ВМРО-ДПМНЕ, битна улога одиграле и локалните избори и рејтинзите на владејачките партии.

Синиша Пекевски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Пекевски: Реконструкцијата се сведува на шминка

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека премиерот малку и задоцнил со проветрување на својот кабинет и цени дека реконструкцијата на Владата се сведува на шминка.

– Владината реконструкција требаше многу порано да се случи бидејќи дел од министрите ништо, ама баш ништо не покажаа. Министрите за спорт, за култура, за образование, за добро владеење, за економија – требаше одамна да бидат сменети, ама премиерот одлучи дел од нив да ги промени сега, а преостанатите да ги задржи, што се сведува само на шминка и ништо повеќе. Критериумот за квалитет, образование, стручност и способност одамна е иселен од Македонија. Само припадноста на партијата, послушноста и блискоста кон премиерот е критериум што важи – смета Пекевски.

За кадровските решенија, Пекевски како квалитетен го издвојува само идниот министер за здравство и актуелен директор на Фондот за здравство Сашо Клековски.

– Во поглед на новите министри, единствено позитивен пример е министерот за здравство, кој има искуство и образование за менаџирање и раководење, а на преостанатите, ако им ги погледнете биографиите, ќе ви стане јасно кои се – смета аналитичарот.

Според Пекевски, прекомпонирањето на Владата покажало дека ЗНАМ дефинитивно ја губи моќта и препознатливоста и е најголем губитник, што не е и случајно со оглед на кадрите што ги има и ги предлага.
ВМРО-ДПМНЕ при реконструкцијата на Владата на веќе „тешките“ министерства што ги има – МВР, Надворешни, Финансии, Одбрана – го додаде и ресорот здравство со што дополнително ја зацврсти својата моќ. Вреди остана без ресорите Здравство, Социјална политика и Добро владеење, а ги доби Правда, Односи меѓу заедниците и Култура.

Селими: Одраз на бројките во Собранието

И аналитичарот Сефер Селими констатира дека не успеале сите министри да воспостават контрола врз ресорите со кои управувале, а некои од нив речиси и да не покажале никакви резултати.

Сефер Селими/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

– Тука вреди да се спомене Министерството за правда, кое голем дел од реформите што ги бараше ЕУ, не успеа никако да ги стави во процес на одобрување и унапредување. Од друга страна, Вреди, како втор владин партнер, изгуби дел пратеници по излегувањето на дел од Алијансата за Албанците од Владата, со што ја ослабна својата позиција. Две ресорни министерства – здравство и социјална политика, кои се покрупни министерства – сега преминуваат таму каде што е моќта на ова владино мнозинство, значи преминуваат кај ВМРО-ДПМНЕ, што на некој начин е распределба на моќта според бројките што ги имаат во парламентот – вели Селими.

Според него, излегувањето на Миле Цеков од ЗНАМ и неговото дејствување како независен пратеник секако дека се одразува и во односите во Владата.

– Мислам дека заклучокот дека се зацврстува моќта на Мицкоски може да се потврди и со промената на ресорите кај ЗНАМ. Секако дека и рејтинзите направени од повеќе анкетни куќи покажува дека ЗНАМ не успеа да го зачува рејтингот што го имаше пред парламентарните избори и дека покажуваат пад на поддршката од гласачите – вели Селими.

Политичкиот аналитичар Милан Стефановски цени дека реконструкцијата е нормален и очекуван процес кој има за цел да ја засили и димензионира програмата што Владата ја ветила пред граѓаните.

Милан Стефановски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Па, така очекувано е дека не секоја индивидуа ја има потребната кондиција и концентрација да ја издржи динамиката. Оттаму, исто така, природно е да се рекомпонира и политичката моќ, затоа што помеѓу парламентарните избори и реконструкцијата на Владата имаше и локални избори што беа вистинска анкета која политичка партија колку тежи кај граѓаните. Во демократијата се вреднува моќта на гласачот и нормално е таа да биде преточена во распределбата на ресорите кои ќе ја имаат одговорноста да го спроведат ветеното – смета тој.

Тој го дели впечатокот дека реконструкцијата ја потврдила и ја засилила моќта на ВМРО-ДПМНЕ како носечки партнер во Владата.

– ВМРО-ДПМНЕ е носечката платформа на оваа владина коалиција и најдоминантна политичка партија во Македонија. Токму ВМРО-ДПМНЕ и на анкетите и на локалните избори доби и добива најголема поддршка во гласачкото тело. Перцепцијата дека со оваа реконструкција ВМРО-ДПМНЕ дополнително се засили е реална, бидејќи едноставно така говорат бројките и граѓаните. Но, од друга страна, не би рекол дека ЗНАМ е губитник, бидејќи и ресорите што ги има во новата распределба ќе им ја тестира реалната политичка вредност, бидејќи во тие ресори гравитираат интересите на многу граѓани на пример што се занимаваат со аграрна политика итн. – смета Стефановски.

ЗНАМ при рекомпонирањето на владиниот кабинет остана без Министерството за правда, предводено од Игор Филков, кое, пак, сега ќе го раководи универзитетскиот професор Јетон Шасивари предложен од Вреди, а за возврат го доби ресорот земјоделие, на чие чело ќе застане Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во тоа Министерство.

За кадровската понуда на подновената Влада на Мицкоски, Стефановски вели дека се надева оти компетитивноста ќе ја одрази желбата на партиите да се претстават во најдобро можно светло пред граѓаните.

– Секоја индивидуа е слика на политичката партија. Не треба да има дилема во поглед на образование, вештини и менаџерски способности. Во партиите постои базен на луѓе што имаат високи квалитети, можеби не се членови на партии, но се експерти што делат исти вредности, умешноста на менаџментот е да ги пронајде, да ги мотивира и да ги стави во функција на политиката што има за цел да ја обликува државата во следните години – смета Стефановски.

Во подновената Влада на Мицкоски ќе има четворица нови министри – Шасивари во Правда, Агон Ферати во ресорот Односи меѓу заедниците, Ерџан Демири за Интеграција на Ромите и министер од новиот владин партнер – Турската демократска партија – Зулфиќар Зејнулах. На шест позиции ќе бидат функционери што и досега беа дел од Владата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот