Цементарница - УСИЕ. - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Цементарница - УСЈЕ. - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Отворен портал за 24-часовен мониторинг на работењето на Цементарница, утре јавна расправа за новата дозвола на „Титан Усје“

Минитерството за животна средина и просторно планирање утре организира јавна расправа во рамки на постапката за издавање на нова А-интегрирана еколошка дозвола за „Титан Усје“, а компанијата денеска на само еден ден пред расправата соопшти дека е ставен во функција нов портал на кој, како што велат од „Титан“, ќе бидат достапни податоци за работењето на компанијата, информации за активности поврзани со животната средина и други релевантни материјали.

Исто така, од компанијата соопштија дека со цел да се овозможи подетален увид во работењето на компанијата, на порталот ќе се објавуваат дневни податоци од независниот систем за мониторинг.

-Дополнително, за да се овозможи подетален увид во работењето на компанијата, на порталот ќе бидат објавени дневни податоци од независниот систем за мониторинг. Компанијата има 24-часовен мониторинг, 365 дена во годината, а досега редовно ги објавуваше неделните извештаи и ги испраќаше до медиумите еднаш неделно. Покрај тоа, на новиот порталот за животна средина ќе можат да се најдат информации за активностите на компанијата во различни области од животната средина, како континуирани инвестиции и примена на иновации во процесот на работа, мерки за поголема декарбонизација, управување со отпад, регулатива и информации поврзани со алтернативните горива- се вели во соопштението на „Титан“.

Оттаму додадоа дека на новиот портал за животна средина граѓаните ќе имаат можност да поставуваат прашања во врска со работата на компанијата, а ќе се објавуваат и студиите што компанијата од областа на животната средина.

Од друга страна пак, утре во 14:00 часот Министерството за животна средина организира јавна расправа како дел од постапката за издавање на новата еколошка дозвола за Цементарница, на која свое присуство најавија од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, од каде повикаа на масовно присуство и напоменаа дека оваа расправа е единствената можност за сите засегнати страни јавно да ги изнесат своите арументи и забелешки за работата на компанијата во наредните седум години.

-Јавната расправа претставува единствена можност институциите, компанијата, стручната јавност, граѓанските организации и граѓаните јавно да ги изнесат своите аргументи и забелешки за условите под кои цементарницата ќе може да работи во наредните 7 години. Станува збор за процес што директно влијае врз идните обврски на компанијата во однос на контролата на загадувањето, мониторингот и заштитата на животната средина- велат од „Стоп за Усје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот