Нема пресуда за насилничките кои малтретираа и понижуваа девојче во Ѓорче, за родителите уште се собираат докази

Сè уште нема пресуда за насилничките кои малтретираа девојче во скопската населба Ѓорче Петров, гасеа цигара од нејзе и ја тераа да лиже кучешки измет, снимаа и објавуваа на социјалните мрежи, инцидент што се случи пред повеќе околу три месеци. Од Кривичниот суд само кратко соопштуваат дека постапката сè уште не е завршена.

Според Законот за правда на деца, бидејќи сторителите се деца во судир со Законот, истражната постапка се води во Судот. Јавен обвинител поднесе барање за поведување на подготвителна постапка до судија за деца во Кривичниот суд Скопје и поднесе предлог за определување на мерки на претпазливост за девојчињата, откако МВР поднесе пријави против четирите девојчиња и шест пријави против нивните родители за ужасното насилство кое се случувало во два наврати, на крајот на март и една недела подоцна.

За пријавите против родителите на децата кои тепале, а се сомничат за запуштање и малтретирање на дете, од Обвинителството велат дека уште се прибираат докази. Напаѓачките ќе одговараат за кривично дело „насилство“, според членот 386 од Кривичниот закон.

Во овој член е предвидена казна затвор од три месеци до три години за предизвикување чувство на несигурност, а доколку делото е извршено од две или повеќе лица, казната затвор е поголема. Сепак досега ниту едно дете кое вршело насилство не завршило во воспитно-поправен дом.

Приведен гостиварец, се сомничи дека силувал малолетничка, па објавувал снимки на социјалните мрежи

Кратко по овој вознемирувачки настан, на почетокот на мај се случи уште едно насилство кога ученик од деветто одделение беше прободен со нож во основното училиште ООУ „25 Мај“ во Ченто.

Напаѓачот беше малолетник, ученик во прва година средно и поранешен ученик на истото училиште. Прободеното дете заврши на Клиника, а од Обвинителството велат дека до овој момент Министерството за внатрешни работи уште не доставило пријава до Јавното обвинителство за овој настан.

Вчера јавноста беше згрозена откако беше објавено видео на кое се гледа како девојче беше понижувано и удирано со шлаканици во скопската населба Аеродром. МВР ги повика во полициска станица и тепачите и снимачите откако настанот беше објавен во јавноста.

Министерот за внатрешни работи, пак, Панче Тошковски, вели дека тие ги презеле сите мерки што биле во нивна надлежност.

-МВР за овој, како и за сите останати случаи ги презеде сите оние дејствија коишто се во рамки на негова надлежност, односно најпрвин постапи во насока на разговор со жртвата и нејзиниот родител, потоа беа повикани сите инволвирани во случајот, како оние што имаат преземено директно насилство врз жртвата, така и оние што беа сведоци на настанот, како и за оние кои го документираа, односно го снимаа настанот. Тие дечиња беа повикани, со нивните родители. Беше известен јавен обвинител, беше утврдено од страна на надлежен лекар констатирани здравствени прегледи на жртвата и во текот на денешниот ден, во консултација со надлежен јавен обвинител за дел од тие што присуствувале на самиот настан ќе бидат поднесени кривични пријави против оној што исполнува законски услови за истото, но и против родителите – изјави тој,

Според него, станува збор за кривична пријава за насилство која ќе биде поднесена и воедно „малтретирање и запуштање на малолетно лице“.

– Со тоа ние ќе си ја сработиме работата како МВР, како што сме ја сработиле и во рамки на другите случаи во минатото, но очигледно она што го работи Министерството не е доволно, односно понатаму треба да постапат Јавното обвинителство и Судот и сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста и преку медиумите да бидат запознаени сите оние кои во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следи санкција, дека за нивните родители ќе следи санкција и дека оваа држава нема да дозволи ваков тип на грозоморно насилство- рече тој.

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО од брутално насилство врз девојче во Аеродром: ја влечат за коса, ја тепаат — десетици деца навиваат и снимаат

На новинарско прашање дали се размислува за повторно враќање на позорникарите или „маалските полицајци“ министерот одговори дека се преземаат мерки за што е можно поголемо присуство на полицијата на терен.

-Но, сепак вработени во МВР се 11.650 вкупно и тие не можат да ја покријат територијата на Македонија во секое едно место каде што имаме присуство на граѓани. Но, пак ќе повторам, работиме максимално на зајакнување на капацитетите и присуството на полицијата на терен. Со денешниве технологии многу е тешко да се скрие насилство, особено насилство што е сторено на јавен простор. Институционалниот одговор којшто треба да го даде МВР гледаме во континуитет дека го дава. Дали треба да ги јакнеме капацитетите? Треба. Дали треба во иднина да го зголемиме бројот на камери што би ги имале низ градовите во Македонија? Треба. Дали работиме на тоа? Да, работиме. Така што посветени сме на соодветен одговор, но овие предизвици навистина не се така лесни и не се така мали. Ќе сториме сè што е потребно, особено за да може да си ги заштитиме дечињата и безбедноста на најранливата категорија којашто ја имаме во нашето општество – порача Тошковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот