Ислам Абази / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Ислам Абази пред крајот на мандатот: Кој е тој од ДУИ што јас сум го заштитил?

Која е таа кривична пријава за функционери на ДУИ што е дојдена во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а не е процесирана, кого јас сум заштитил од ДУИ? Со вакви контрапрашања одговори шефот на ОЈО ГОКК Ислам Абази на новинарското прашање дали го смета за неуспех тоа што својот мандат, што му завршува во ноември, ќе го заокружи без ниту едно обвинение за функционер на ДУИ со оглед на тоа што функцијата му почна со објавување фотографии со челниците на ДУИ или нивни блиски.

Предметот за „Соравија“, кој го отвори Обвинителството по допрен глас, а во кој е осомничен Дрин Ахмеди, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е во предистрага со години. Ахмеди заедно со албанска компанија станаа сопственици на деловниот центар без да вложат пари, со банкарски кредит, а во меѓувреме се отвори и стечајна постапка за „Соравија“, а Ахмеди се повлече од фирмата што имаше удел во овој центар.

Извршител ја стави „Соравија“ на продажба, почетната цена е 22,4 милиони евра

Како што кажа Абази, овој случај е уште во предистрага и Обвинителството чекало одговор на барање за меѓународна правна помош од САД, по што обвинителот ќе оцени дали ќе следува јавнообвинителска одлука или ќе се бараат дополнителни податоци. И за историската предистрага за надзорот над „Бехтел и Енка“ имале наредба до МВР, а Министерството пак интензивно постапувало.

– Предметите се обемни и сложени – вели Абази.

Тој го презентираше годишниот извештај на Обвинителството што го води пред Советот на јавни обвинители и кажа дека 84 отсто од предметите не се решени бидејќи Обвинителството чека податоци од различни институции. Иако предметите во Обвинителството чекаат податоци од други институции, а Обвинителството за наводната шпионска афера на Водно обелодени дека со месеци чека видеоснимки и податоци од Министерството за внатрешни работи, Абази сега со пофални зборови за соработката со МВР.

– Ние со МВР имавме состаноци за овој случај, значи МВР е наш сојузник и партнер, и сме во постојана секојдневна комуникација не само за овој предмет, туку воопшто за сите предмети. Како што видовте и во извештајот, над 90 проценти од поднесените пријави и во нашето обвинителство и во обвинителствата на ниво на државата, подносители се од МВР – изјави Абази.

За Васко Ковачевски нема ниту потерница ниту мерки

Тој не ги коментираше изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кој го критикуваше Обвинителството за запирањето за истрагата за мазутот, ниту на министерот за внатрешни, Панче Тошковски кој е шокиран и кому „му се повраќа“ од некои одлуки на ова Обвинителство.

– Принципиелно ние како обвинителство никогаш не коментираме политички изјави. По однос на нашето работење, надзор ни врши Републичкото јавно обвинителство, двапати годишно, тука е Советот на јавни обвинители пред кого одговараме и во секое време може да извршат увид. Не значи дека немаме соработка со МВР. Секој си има свое мислење по однос на некоја одлука, не мора да се сложуваме. Нашите одлуки подложат на надзор и контрола од повисоките обвинителства – рече Абази.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески дојде во Советот на јавни обвинители, но поради, како што рекоа, итни обврски, веднаш замина и не го слушна Абази како го презентира извештајот. Тој пак доби само пофалби од членовите на Советот, кои едногласно го усвоија извештајот. Абази ја остави отворена можноста да се кандидира за нов мандат за шеф на Јавното обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот