Фото: Влада

Иако има сериозен притисок по буџетот на одбраната, нема застој во опремата за Армијата, вели Мисајловски

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска ги сумираше резултатите во одбраната и во Армијата во изминатите две години, при што истакна дека земјава е безбедна и сигурна, а процесот за модернизацијата на Армијата тече непрекинато.

„Во делот на модернизацијата сакам да истакнам дека согласно буџетот и она што е планирано, ги сервисираме сите обврски“, истакна Мисајловски и додаде дека иако тоа претставува сериозен притисок по одбранбениот буџет, нема никаков застој во пристигнувањето на опремата.

Според него опремувањето, како и развојот на кадарот се реализираат со интензивно темпо.

„Она што сите го знаете е дека буџетот е над 2 отсто и вчера ги слушнавме од првите луѓе на НАТО дека над 4 отсто сме во тотал. Тоа е навистина огромна вест и за нас, но и за државата, бидејќи инвестираме во сите капацитети“, рече министерот.

Тој зборуваше и за 16-те договори потпишани со САД во висина од вкупно 339 милиони американски долари, од кои еден дел од средствата се од македонскиот буџет, а еден – како поддршка од САД. Мисајловски ја спомена и поддршката од Европската Унија, преку Европскиот мировен фонд во висина од вкупно над 40 милиони евра – опрема во три засебни пратки, од кои првата е целосно пристигната, а во моментов пристигнува опремата од втората пратка.

Исто така, тој се пофали за 96 лесни оклопни возила JLTV, првата пратка од оклопните возила „Страјкер“, чие комплетирање до 42 возила се очекува до крајот на месецов, потоа артилериските системи „Боран“ од Турција кои се пристигнати во целост и системите за против-воздушна одбрана „Мистрал 3“ од Франција, кои во најголем дел се пристигнати неодамна. Според Мисајловски, хеликоптерите од компанијата „Леонардо“ ќе пристигнуваат до 2029 година, а првите два се очекуваат веќе оваа година.

Инаку, Независниот синдикат на професионални војници пред неколку месеци обвини дека додека се промовираа реновирани објекти во касарната „Јане Сандански“ во Штип, професионалните војници во најголем дел престојуваат во руини кои, според Синдикатот, потекнуваат уште од времето на поранешната ЈНА и со децении не се обновени.

Според претседателот на Синдикатот, Александар Насковски, објектите во кои престојуваат припадниците на Армијата, особено професионалните војници, се во катастрофална состојба веќе 35 години и како што рече „не е мрднато со прст“, иако се смениле повеќе влади.

ВИДЕО | „Со години шајка не е закована, а лебарки се шетаат во кујните“ – Синдикатот обвинува за катастрофални услови во касарните

Министерство за одбрана реагира на обвинувањата од Синдикатот на војската, ама признава дека „касарните не се на највисоко ниво“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот