„Антолог“ - патувачка книжарница на тркала

Вчерашното невреме во Скопје целосно го уништи книжевниот центар „Антолог“: 27 години труд на генерации луѓе се помножени со нула

По силното невреме што вчера го зафати Скопје, книжевниот центар „Антолог“ соопшти дека претрпел огромни и речиси целосно неповратни штети, при што биле поплавени нивните магацински простории.

Како што информираа оттаму, објектот и целиот инвентар се сериозно уништени, при што се изгубени десетици илјади книги, возило, техника и речиси целата опрема со која функционирале.

„Антолог каков што го познавате и го сакавте – повеќе не постои. Огромното невреме што вчера ги погоди Скопје и реонот на Кисела Вода и јавната канализациска инфраструктура што ја немаме или е несоодветно изведена, доведе до целосно поплавување на нашите магацински простории. Загубата, и материјално и емотивно, е неверојатно голема. 27 години труд на генерации луѓе кои се вложија секој на свој начин во оваа издавачка куќа, во овој дом на книгата, се помножени со нула. Десетици и десетици илјадници книги, возило, целосниот инвентар, техника, речиси сè е неповратно уништено. Визијата на една приказна во која сите заедно се вложивме и ја градевме – достоинствено, чесно, трудољубиво, визионерски, искрено, пасионирано, со љубов од дното на душата и секогаш, буквално секогаш, постепено – скала по скала, страница по страница, ден по ден, сон по сон, се распадна“, напишаа од книжевниот центар на Фејсбук.

Оттаму додаваат дека со часови чекале помош додека водената стихија го уништувала нивниот труд, при што, како што велат, е изгубено минатото, сегашноста и иднината на издавачката куќа.

„Срцето ни е скршено, се чувствуваме целосно поразени“, стои во реакцијата на „Антолог“.

Од „Антолог“ изразија благодарност до Министерството за внатрешни работи и до сите граѓани кои се обиделе да помогнат на терен, посочувајќи дека биле сведоци на сцени што, како што велат, никој не би сакал да ги доживее.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот