„Д-Фестивал“ го потврди Штип како фестивалска престолнина на Балканот
Годинава „Д-Фестивал“ собра рекордна бројка гости, а Борис Брејча со епско финале го круниса тридневното светско музичко доживување во Штип.
Препорачано
Над 40.000 посетители за три дена поминаа низ петте бини и три фестивалски зони, како потврда дека „Д-Фестивал“ не само што се врати во својот полн сјај, туку го подигна и сопствениот плафон. Потврдата за тоа дојде уште десет дена пред почетокот на фестивалот, кога најголемата платформа за резервации на сместување го покажа целосно распродаден периодот што се совпаѓа со термините на „Д-Фестивал“ пред самиот настан, без ниту еден слободен кревет во Штип и околината.
Со повеќе од 80 концерти и над 100 учесници во програмата на „Плоштарт“, ова издание го означи големото враќање на „Д-Фестивал“ во неговиот препознатлив полн сјај.
Фестивалската приказна почна на 26 јуни со легендарниот Диџеј Премиер, еден од најголемите продуценти и диџеи во историјата на рап-музиката. Во ексклузивниот хип-хоп програмски спој, заедно со Страјк, Диџеј Гоце, Ронин и Смоке Мардељано ја отворија фестивалската авантура на најдобар можен начин. Најголемите актуелни македонски хитови ги донесе групата „Дупер“, додека публиката заедно со нив ги пееше најпопуларните рефрени, а незадржлива енергија пристигна со мексиканските „Son Rompe Pera“, со својот уникатен спој на кумбија, панк и традиционални ритми.
Втората вечер на 27 јуни ја донесе кулминацијата на посетеноста, кога фестивалскиот простор на градскиот стадион во Штип беше и премал за да ги собере десетиците илјади посетители. Легендарните Бајага и „Инструктори“ одржаа концерт што долго ќе се памети, исполнет со безвременските хитови кои повеќе од четири децении ги поврзуваат генерациите. Покрај нив, саботната програма ја одбележаа и Миле Кекин, Јура Стублиќ и „Филм“, „Лелее“, КЕМ, „Конспираси“, „Гвас“, „Дестракшн“ и бројни други изведувачи.

Со своето препознатливо аудиовизуелно шоу, беспрекорната продукција и неколкучасовниот сет, глобалната ѕвезда на електронската сцена Брејча на 28 јуни приреди величествено финале достојно за најголемиот македонски open-air фестивал. Непосредно пред него, публиката беше сведок и на еден од најмоќните рок-концерти што некогаш се одржале на домашна фестивалска сцена британските „Idles“, со настап исполнет со сурова енергија и бескомпромисен сценски перформанс, кој голем дел од посетителите го издвоија како едно од најсилните музички доживувања на овогодишното издание. Третиот фестивалски ден донесе уште низа извонредни концерти на „Пич вајс“, „Кои кои“, Хиљсон Мандела, „Фикшн“ и диџеј Флудер, кои со своите различни музички изрази ја збогатија жанровската разновидност по која „Д-Фестивал“ е препознатлив.
Последната вечер по последниот тон од Главната бина, прославата продолжи на омилената сцена „Shorty P Stage“, именувана по Панчо од ДНК, кој претходно ја курираше истата сцена на „Д-Фестивал“, тогаш под името „Lake Awake“. Под новото име, колективот Sure Shotz и нивните диџеи приредија епска завршна журка под Исарот, испраќајќи ги посетителите со истата енергија со која „Д-Фестивал“ ги пречека три дена претходно.
И уште повеќе од музика, „Д-Фестивал“ никогаш не бил само концерти. „Плоштарт“ функционираше како посебна фестивалска сцена за креативност, дружење и инспирација – со повеќе од 100 учесници, меѓу кои уметници, активисти, автори, предавачи, креативци, спортисти и организации, низ перформанси, изложби, работилници, јавни дискусии и игри. „Д-Базарот“ повторно беше место каде се сретнаа локалните креативци и малите производители, а кајакарските активности на Брегалница, јога, карате-презентациите и заедничкото следење на Светското првенство во фудбал создадоа автентична атмосфера што пулсираше сѐ до утринските часови.
Кампот годинава прими над 700 кампери – рекордна бројка која покажува дека „Д-Фестивал“ одамна не е само концерт на еден ден, туку тридневна заедница која живее на терен. И токму тука лежи срцето на целата приказна: Сите снимки, стории и видеа кои се од овој викенд покажаа една единствена вистина – дека „Д-Фестивал“ е публиката. Истата публика што секоја година го следи без разлика на промена на локацијата, без разлика на временски услови, без разлика на сѐ.
Овогодишното издание уште еднаш покажа зошто „Д-Фестивал“ повеќе од шеснаесет години е еден од најзначајните културни и музички настани во Македонија и вистински бастион на слободата, младешкиот дух, современата уметност и културната размена. Штип уште еднаш покажа дека е совршен домаќин на најголемиот македонски open-air фестивал, а десетиците илјади посетители уште еднаш потврдија дека „Д-Фестивал“ не е само музички настан – туку заедница, искуство и традиција на која секоја година верно ѝ се враќаат. „Д-Фестивал“ во 2027 година ќе се одржи од 25 до 27 јуни, известија од „Пасворд продукција“.


