Изложбата ќе биде отворена на 30 јуни, во 20:30 часот

Изложбата „Поместени граници“ на ДЛУМ ќе биде презентирана во уметничката резиденција „Македонида“

Традиционалната изложба „Поместени граници“, чиј организатор е Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а која годинава се реализира како резиденцијален престој во текот на мај и јуни во уметничката резиденција „Македонида“ (семејна куќа на ул. „Атинска“ бр. 2, во скопската населба Тафталиџе), свечено ќе биде и отворена во истиот простор на 30 јуни, во 20:30 часот.

Кураторка на оваа изложба, чиј концепт со наслов „Разбудени сеќавања“ е насочен кон индивидуалните мемории, е историчарката на уметност Гордана Велков, а посетителите до втори јули ќе можат да ги видат делата на уметниците: Маја Гечиќ – Белград, Р. Србија, Ивана Настески, Зулејха Зибери, Ана В’чкова, Елена Гелева, Нина Богуновиќ, Душан Георгиевски, Енеса Мемети, Давор Кешќец, Вук Митевски и Стефан Анчевски.

Концептот „Разбудени сеќавања“ овозможува да се поместат границите во ликовниот израз со евоцирaње на сопствените сеќавања со инспирација во материјалноста на интимниот простор различен од етаблираните изложбени простори на галерии и музеи.

„Физичкото присуство на предметите, садовите и неговите решенија на архитектурата и ентериерот во просторот како меморија за едно време е производ на едно искуство, тие се поставени, уредени и одржувани од севкупноста на нечии сеќавања“, наведува кураторката Гордана Велков.

Таа потенцира дека креираните сеќавања на уметниците ќе бидат нова материјалност со која ентериерот на архитектонскиот амбиент се трансформира во суптилен изложбен простор, каде личните перцепции на уметниците, нивните емоции и имагинација ќе презентираат уметнички форми, ликовни техники и стилови како можност за истражување и проширување на границите на ликовниот израз.

Изложбата „Поместени граници“, која е дел од годинашното „Скопско лето“, традиционално ги обединува современите уметнички практики што ги истражуваат актуелните индивидуални и колективни искуства преку визуелниот израз. Ги преиспитува постојните уметнички пристапи и поттикнува нови, нестандардни начини на создавање ликовно дело, известија од ДЛУМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот