Сцена од претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“

Копродукциската претстава „Плејбои…“ со две изведби гостува во Белград

Драмски театар Скопје првиот дел на сезоната го заокружува со гостување во Белградскиот драмски театар, каде на 29 и 30 јуни има изведби на претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ.

Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.

Во копродукциската претставата „Плејбои…“, играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).

Од Драмски потсетуваат дека претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ минатата година два месеца се подготвуваше на сцената на Драмски театар Скопје и освен актерите и уметниците од ансамблот на Драмскиот театар истовремено беше ангажирана и целата техничка екипа од одделите на светло и тон мајстори, гардероба, кројачница, столарска работилница, атеље за изработка на сценографија и скулптура, одделот за фризура и шминка и сите останати оддели во Драмски.

Претставата е реализирана како проект произлезен од повеќегодишната заедничка соработка на театарските куќи членки на Регионалната унија на театри основана во 2019 година. Регионалната унија со веќе етаблираниот фестивал РУТА, преку своите шест изданија во текот на годината, освен што овозможува публиката во целиот регион во континуитет да ги следи најгледаните продукции во своите театарски центри, успешно се справи со предизвикот соработката да ја издигне на повисоко ниво и да ја создаде копродукциската претстава на четири уметнички куќи. Со претставата „Плејбои…“, минатата година е одбележана петтата годишнина од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.

По премиерата во август минатата година во Будва на фестивалот „Град театар“, претставата гостуваше на летните сцени на „Охридско лето“ и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје, Белград, Љубљана, Тиват. Со гостувањето во Белградскиот драмски театар претставата „Плејбои…“, ќе забележи вкупно шеснаесет изведби, известија од Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот