Отворање на изложбата во „Остен“: Блаже Крстаноски Блажески, Корнелија Конеска и Мице Јанкуловски

Во галеријата „Остен“ е поставена изложбата „Дијалог на форми“ на двајца извонредни уметници

Во галеријата „Остен“ на 25 јуни беше отворена изложбата „Дијалог на форми“ на уметниците Мице Јанкуловски и Блаже Крстаноски Блажески. Со слики од Мице Јанкуловски и скулптури од Блаже Крстаноски Блажески изложбата го истражува длабокиот дијалог помеѓу двајца автори, две уметнички дисциплини и два креативни света. Изложбата е место на средба во која формите водат свој разговор, без зборови, но со силен визуелен јазик.

Посетителот има можност до 8 јули да ја доживее уметноста како жив разговор – разговор што не бара посредник, туку самиот гледач станува учесник во него. Формите на платната и формите во просторот комуницираат, се надополнуваат, понекогаш и контрастираат, но секогаш создаваат целина – хармонична или дисхармонична.

Мице Јанкуловски (1954) завршил Архитектонски факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. Како уметник, со децении е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини (карикатура, сликање сатирични слики на стакло, анимиран филм, палиндроми…), додека постојано е посветен на истражувањето и создавањето во областа на сликарството и цртежот.

Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни претставувања на значајни меѓународни изложби и биенални манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна…

Блаже Крстаноски Блажески (1954) е македонско-австралиски скулптор чии дела го истражуваат континуитетот, моќта и органските ритми на природниот свет. Во современите форми кои ги создава, централни елементи се поврзаноста и континуитетот – идеи кои можеби произлегуваат и од неговото сопствено искуство како уметник кој е мост меѓу две култури: македонското културно наследство и современите австралиски уметнички текови.

Неговиот опус вклучува слики, цртежи и објекти, а темите често се инспирирани од идентитетот, миграцијата и духовното наследство. Во 2025 година, Крстаноски го доби престижното признание „Остенов уметник на годината“, што претставува потврда за неговото место во македонската и светската ликовна сцена.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот