Промоција на монографијата во Музејот на град Скопје / Фотографија: Скопско лето

Исполнет долг кон минатото и кон колективното сеќавање со објава на монографско дело

Скопската промоција на монографијата „100 години ‘Палјачи’ во Штип (1925-2025): Операта што ја отвори македонската музичка сцена“ на авторката проф. д-р Наташа Диденко се одржа на 25 јуни, во Музејот на град Скопје, во рамките на програмата на фестивалот „Скопско лето“.

На промоцијата се обратија проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, беше прочитан текст на проф. д-р Оливер Цацков, додека модераторот Мишо Китаноски со вдахновено чувство го истакна значењето на делото и подвигот што го направила авторката со неговото објавување.

Монографијата е репрезентативно научно-културно издание што го осветлува почетокот на македонската оперска традиција преку историската премиера на операта „Палјачи“ во Штип во 1925 година. Авторката Наташа Диденко на промоцијата не зборуваше за самата книга, туку за патувањето што ја довело до неа.

– Кога го започнав ова истражување, верував дека ќе пишувам за една опера и за еден значаен културно-историски настан. Но, колку подлабоко навлегував во архивската граѓа, толку повеќе сфаќав дека пред мене не се отвора само приказна за една музичка изведба. Всушност, ја откривав приказната за луѓето. За нивните соништа, нивната посветеност и нивната верба во моќта на уметноста. За нивната храброст да создаваат култура во време кога условите биле далеку од идеални, но ентузијазмот и љубовта кон уметноста биле доволно силни да ги надминат сите ограничувања.

Како истражувач, секојдневно се соочувам со документи, датуми и факти. Но во ова истражување зад секој документ препознавав човечка приказна. Зад секоја фотографија – нечие лице, нечие очекување, нечие вложено време и ентузијазам. Зад секој архивски запис – желба да се создаде нешто што ќе биде поголемо од поединецот и подолго од едно време.

Највозбудливите моменти од истражувањето ги доживеав во Државниот архив на Република Северна Македонија и во неговото подрачно одделение во Штип. Таму, меѓу многубројните архивски кутии и пожолтени документи, постепено се појавуваше една приказна која, речиси, еден век трпеливо чекала повторно да биде раскажана. Пронаоѓав материјали што досега не биле објавени, документи што отвораа нови прашања, но и даваа нови одговори. Секое такво откритие беше момент на радост, но и момент на голема одговорност. Токму во тие моменти ја чувствував вистинската убавина на научната работа – како минатото, кое со децении молчело, одеднаш почнува повторно да зборува. Затоа што архивите не чуваат само документи. Тие чуваат човечки судбини, идеи, надежи и спомени. Тие го чуваат она што времето не успеало да го избрише…

Затоа, оваа монографија не ја доживувам само како научен труд. Ја доживувам како исполнет долг кон минатото. Како обид да се сочува едно значајно поглавје од македонската културна историја. Како придонес кон македонската историографија и кон нашето колективно сеќавање – рече Диденко.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 337, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.6.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот