Македонското издание на „Пиратска грижа: акти против криминализацијата на солидарноста“ ќе има промоција на фестивалот „Крик“
Промоцијата на македонското издание на книгата „Пиратска грижа: акти против криминализацијата на солидарноста“ од Валерија Грацијано, Марсел Марс и Томислав Медак ќе се одржи на 26 јуни, во КСП „Центар-Јадро“, со почеток во 20 часот.
Препорачано
Книгата доаѓа во време кога прашањето за грижата повторно станува едно од најважните политички прашања на нашето време. Како да се грижиме едни за други кога институциите потфрлаат? Што се случува кога пазарот профитира од нашата ранливост? И што значи солидарноста кога самото помагање сè почесто се третира како престап?
Во свет во кој грижата сè повеќе се претвора во административна процедура, приватен товар или услуга достапна само за оние што можат да ја платат, таа повеќе не може да се разбере како лично или хуманитарно прашање. Грижата е политичко прашање. Кој има право на неа? Кој ја дава? Кој останува надвор? И кој се казнува кога ќе се обиде да помогне?
– „Пиратска грижа“ нè воведува во радикална политичка и етичка визија што произлегува од практики на заемна помош, колективно организирање и непослушна грижа. Наместо да ја прифати претставата дека грижата е ограничен ресурс со кој управуваат државата, пазарот или семејството, книгата покажува дека грижата може да биде општествена сила. Таа расте преку споделување, соработка и заедничко дејствување.
Потпирајќи се на искуства од феминистички, работнички, дигитални, еколошки и мигрантски борби, авторите ја истражуваат можноста за создавање автономни инфраструктури на поддршка. Тие инфраструктури се истовремено форма на преживување и форма на отпор. Грижата тука не е приватна доблест или тивка жртва. Таа е политичка практика што може да создава нови општествени односи и нови начини на заеднички живот надвор од логиките на профит, казна и исклучување.
Во време на економски, еколошки и демократски кризи, „Пиратска грижа“ нè повикува да размислиме како да изградиме свет во кој нашата меѓусебна зависност нема да биде причина за доминација, туку основа за солидарност. Книгата ја отфрла наметнатата логика на оскудица. Наместо тоа, отвора простор за поинакво разбирање на богатството: како капацитет за заемна поддршка, одржување на животот и создавање услови за достоинствено живеење. На промоцијата ќе разговараме со авторите за тоа што значи грижата да се мисли како бунт.
Ќе зборуваме за тоа како се градат инфраструктури на солидарност во време на криза, зошто непослушноста понекогаш станува предуслов за грижа, и како оваа книга ни помага да ги препознаеме практиките на пиратска грижа што веќе постојат околу нас – најавија од фестивалот „Крик“.
Книгата е издадена како дел од едицијата „Пунктум”, уредник е Искра Гешоска, а преводот е на Жарко Трајаноски и Мила Стаменова Бурнс. Pазговорот со авторите и отворената дискусија ќе ги водат Артан Садику и Јована Ѓерасимовска.
Фестивалот за критичка култура „Крик“ е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт Фонд“.


