Фестивалот „Скопје синема сити“ ја открива нераскинливата врска помеѓу музиката и филмот
Дванаесеттото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ на 26 и 27 јуни ќе се одржи во киното „Фросина“ (МКЦ), носејќи приказни за уметниците кои не само што создаваа хитови, туку и ги менуваа правилата на игра.
Препорачано
Омаж на Мајлс Дејвис и филмови за музичките револуционери, џез-визионери, поп-икони, пионери на електронскиот звук и нови генерации визуелни автори ќе има на 12. издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.
Во текот на две фестивалски вечери, публиката ќе има можност да проследи внимателно селектирана програма што ги спојува филмот и музиката во возбудливи приказни за уметници кои не само што создавале хитови, туку и ги менувале правилата, естетиката и начинот на кој ги доживуваме звукот и времето во кое живееме.
– Главната мисија на „Скопје синема сити“ е да ја истражи и прикаже нераскинливата врска помеѓу музиката и филмот. Сакаме да понудиме повеќе од обични проекции – целта ни е да ја доловиме суштината на музичкото творештво преку приказни во филмовите. Фестивалот постои за да ги слави уникатните креативни патишта на уметниците, да ја поттикне критичката мисла и да го позиционира Скопје како значајна точка на мапата на музичко-документарната култура – истакнува музичкиот новинар Ненад Георгиевски, директор на фестивалот.

По повод 100 години Мајлс Дејвис, фестивалот ќе биде отворен на 26 јуни со документарниот филм „Мајлс Дејвис: Брт оф д кул“ (Miles Davis: Birth of the Cool) – длабок, искрен и неверојатен портрет на човекот што го редефинираше џезот.
Преку ретки архивски снимки, музика и сведоштва на неговите најблиски соработници, филмот го открива сложениот карактер, неверојатната креативна енергија и немерливото влијание на уметникот чие наследство продолжува да инспирира генерации музичари и слушатели ширум светот.

Покрај омажот на Мајлс Дејвис, фестивалската програма на 27 јуни носи уште две исклучителни филмски приказни за музички легенди кои оставија длабока трага врз културата на своето време. Филмот „Дјуран Дјуран: Зад музиката“ (Duran Duran: Behind the Music) нуди интимен поглед кон подемот, славата и трансформациите на еден од највлијателните поп-бендови на осумдесеттите години. Филмот ја следи нивната еволуција, откривајќи ја приказната зад гламурот и светската популарност.
Од друга страна, „Крафтверк: Поп арт“ (Kraftwerk: Pop Art) претставува филмски портрет на германските визионери кои ја поставија основата на електронската музика. Нивната минималистичка естетика и иновативен пристап кон звукот засекогаш го променија музичкиот пејзаж, а нивното влијание и денес може да се препознае во речиси секој современ музички правец.

Фестивалот „Скопје синема сити“ и оваа година ја потврдува својата посветеност кон новите генерации автори и уметници. Свеченото отворање ќе биде збогатено со изложба на студенти од академијата „Бреинстер“, кои активно учествуваа во креативниот процес на подготовка на официјалниот визуелен идентитет на фестивалот.
Публиката ќе има можност да ги запознае младите македонски дизајнери и визуелни уметници чии идеи и естетика веќе го најавуваат културниот јазик на иднината. Авторка на официјалниот фестивалски постер за 12. издание на фестивалот е Јана Андреевска.


