Фестивалот „Зрно“ ќе претстави дела од данската фотографка Анне-Мет С. Сомер на изложба на „Скопско лето“
Фестивалот „Зрно“, во соработка со „Скопско лето“ и со поддршка на Министерството за култура и туризам, на 26 јуни, во 19 часот, во КИЦ – Скопје ќе ја претстави изложбата „Малите нешта“ на данската фотографка и визуелна уметница Анне-Мет С. Сомер, авторка зад „Келтер фотографи“ (Kelter Photography).
Препорачано
По пресвртниот момент во 2017 година, кога во „The Photographers’ Gallery“ во Лондон ја посетила полароид-изложбата „In an Instant“ на Вим Вендерс, Анне-Мет целосно се посветува на експерименталните полароид процеси. Денес нејзината работа е препознатлива по истражувањето на текстурата, трансформацијата и креативната улога на несовршеноста.
Изложбата „Малите нешта“ претставува избор на дела што го следат нејзиниот уметнички развој – од серијата „Течни фустани“, создадена со техниката на полароид емулзиски лифт, до понови истражувања, како „Polaroid Decay“, филм-соуп техники, интервенции со алкохолни мастила и експериментални емулзиски лифтови.
Серијата „Течни фустани“ настанала од случајна грешка за време на работилница во Копенхаген во 2018 година, кога еден емулзиски лифт се деформирал при трансфер и добил форма налик на фустан. Наместо да го отфрли, авторката ја прифатила случајноста како творечки принцип. Денес серијата брои 311 оригинални нумерирани дела и е изложувана во Норвешка, Данска, Германија, Швајцарија, Ирска и САД.
Покрај оваа серија, посетителите ќе имаат можност да видат и колекција од „Polaroid Decays“, емулзиски лифтови и полароиди обработени со алкохолни мастила и други интервенции. Низ овие дела фотографијата се трансформира од документарна слика во простор за истражување на сеќавањето, кревкоста, емоцијата и убавината на несовршеното.
Анне-Мет С. Сомер е членка на „The 1212 Project“, ирскиот уметнички колектив „Interface Inagh“ и германскиот полароид колектив „PolaPeopleFestival“, а нејзината работа е претставувана и од „Оскар студио галери“ (Oscar Studio Gallery) во Осло.


