Работна посета на археолошкиот локалитет „Хераклеја Линкестис“

Битола останува еден од најважните културни центри во Македонија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на 22 јуни престојуваше во работна посета на Битола каде, заедно со градоначалникот Тони Коњановски, изврши увид во повеќе капитални проекти од областа на културата и заштитата на културното наследство, известија од Министерството за култура и туризам.

Посетата започна со работна средба во Општина Битола, на која беа разгледани актуелните и идните проекти кои се реализираат во соработка помеѓу Министерството за култура и туризам и локалната самоуправа. Во фокусот на разговорите беа инвестициите во културната инфраструктура, заштитата на културното наследство и развојот на културниот туризам.

Во рамките на посетата, министерот Љутков изврши увид во градежните активности за реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“, еден од најзначајните капитални проекти во Битола, вреден 94 милиони денари.

„Кино ‘Партизан’ со години беше запуштен и нефункционален објект. Денес гледаме дека работите се одвиваат со добра динамика и дека чекор по чекор создаваме современ, мултифункционален, културен центар кој ќе биде дом на бројни културни настани и ново место за средба на уметниците и граѓаните“, истакна министерот Љутков.

Тој потсети дека објектот ќе биде целосно обновен и ставен во функција до 2027 година, кога Битола ќе добие нов простор за концерти, изложби, кино-проекции и други културни содржини.

Реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ во Битола

Министерот изврши увид и во конзерваторско-реставраторските работи во Јени џамија, еден од најрепрезентативните споменици на културата во државата. За реализација на овој повеќегодишен проект Министерството обезбеди околу 12 милиони денари.

„Нашата обврска е да ги зачуваме највредните сведоштва на нашата историја. Јени џамија е дел од културниот идентитет на Битола и затоа вложуваме сериозни средства за нејзина целосна заштита и реставрација“, нагласи Љутков.

Работната посета продолжи на археолошкиот локалитет „Хераклеја Линкестис“, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Годинава Министерството издвои 700 илјади денари за заштита на локалитетот и мозаиците, кои претставуваат негово најголемо богатство.

„Хераклеја не е само дел од нашето минато, туку и значаен потенцијал за иднината. Фактот што локалитетот го посетуваат до 25 илјади посетители годишно, покажува колкав е интересот за нашето културно наследство. Затоа продолжуваме да инвестираме во негова заштита и презентација“, рече министерот.

Археолошки локалитет „Хераклеја Линкестис“

Во изминатите две години, Министерството за култура и туризам инвестираше околу 32 милиони денари во проекти што ги реализира НУ Завод и Музеј – Битола, меѓу кои реставрација на фасадата на музејот, партерно уредување на лапидариумот, обновување на сувенирницата, како и конзервација на спомен-куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов.

Битола останува еден од најважните културни центри во Македонија. Преку инвестиции во културната инфраструктура, заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, Министерството за култура и туризам продолжува да создава услови за зачувување на националниот идентитет и за афирмација на македонските културни вредности пред домашната и меѓународната јавност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот