Анимираниот краток филм „Лефти и Рајти“ доби поддршка за малцинска копродукција од Хрватскиот аудиовизуелен центар
Новиот македонски проект „Лефти и Рајти“ е базиран на серијалот „Приказни за облеките“ од авторката Наташа Дукоска. Филмот е по сценарио на Наташа Дукоска, косценарист е Билјана Црвенковска, во режија на Илија Тодоровски, а во продукција на „зАнимација продукција“ од Скопје.
Препорачано
Филмот веќе е поддржан од Агенција за филм, а како малцински копродуцент од Хрватска се вклучува „Minya Film i Animacija“.
Во реализацијата на анимацијата учествуваат и етаблирани професионалци од „Светот на Биби“ и „Toon Motion Studios“, што дополнително гарантира висок квалитет на продукцијата и современ пристап во визуелната и наративната обработка.
Ликовите, илустрирани од Хари Дудески, произлегуваат од веќе изграден и препознатлив свет кој три години се развива низ серијалот сликовници.
Проектот „Лефти и Рајти“ е дел од поширок креативен концепт кој има за цел да развива домашен бренд за деца преку филм, литература и други културни форми, а воедно претставува значаен чекор кон враќање на домашната продукција на содржини за деца и градење нова генерација публика која ќе расте со приказни од македонски автори.
Премиерата кај нас се очекува да биде до крајот на годината.


