Фото: Илустрација

Техеран: Либан ќе биде главна тема на разговорите со Америка

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Израел, кого го нарече „ционистички режим“, продолжува да ги прекршува преземените обврски кон Либан.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска повтори дека Техеран е подготвен да даде гаранции дека не развива нуклеарно оружје, но истовремено нагласи дека Иран нема намера да се откаже од правото на збогатување ураниум, објави „Гардијан“.

Во изјавата објавена на неговата официјална интернет-страница, Пезешкијан посочи дека барањето на САД Иран да не изработи атомска бомба не е ново прашање. Тој додаде дека Техеран може и писмено да потврди дека нема таква намера, но дека правото на збогатување ураниум останува црвена линија за иранската страна.

— Нема да се откажеме од правото на збогатување, а другата страна ќе мора да го прифати тоа право — порача иранскиот претседател, непосредно пред најавените разговори меѓу иранските и американските претставници во Швајцарија.

Џеј Ди Венс пристигна во Швајцарија — денеска се одржуваат мировните разговори меѓу Иран и Америка

„Либан ќе биде главна тема на разговорите“

Во меѓувреме, иранските власти соопштија дека конфликтот во Либан, каде што Израел продолжува со напади врз Хезболах, ќе биде главна тема на разговорите со американската делегација. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Израел, кого го нарече „ционистички режим“, продолжува да ги прекршува преземените обврски кон Либан.

Багаи, во видео-обраќање објавено преку иранската државна агенција ИРНА, рече дека прашањето за Либан ќе биде во центарот на денешните разговори. Покрај тоа, според него, на маса ќе бидат и темите за замрзнатите ирански средства во странство и можноста за продажба на иранска нафта.

Техеран претходно соопшти дека со Вашингтон потпишал договор со кој треба да се стави крај на повеќемесечните непријателства, почнати на 28 февруари по американско-израелските напади врз Иран. Како дел од тој договор, требало да запрат и судирите меѓу Израел и Хезболах во Либан.

Сепак, либанските власти соопштија дека во израелски напади во јужен Либан загинале најмалку 16 луѓе, а уште 12 биле повредени. Либанската цивилна заштита наведе дека нејзините екипи од раните утрински часови интервенирале во областа Набатија и ги пренесувале жртвите во болница.

Иран најави затворање на Ормускиот Теснец

Паралелно со тоа, Иран најави затворање на Ормускиот Теснец поради израелските напади во Либан, потег што може сериозно да го загрози кревкиот привремен договор со САД. Иранската револуционерна гарда ги предупреди бродовите да не се приближуваат до стратешкиот морски премин, низ кој пред војната минуваше околу една петтина од светската нафта и течен гас.

Засега не е јасно дали заканата е целосно спроведена, ниту дали ќе ги загрози швајцарските преговори, кои треба да го претворат привремениот договор меѓу Вашингтон и Техеран во поширок аранжман за иранската нуклеарна програма. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, порача дека нема да има наплата за бродовите што минуваат низ теснецот за време на 60-дневното примирје.

Американскиот потпретседател веќе стигна во Швајцарија во пресрет на преговорите.

Иран објави нови правила за минување низ Ормускиот Теснец

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот