Кир Стармер планира да поднесе оставка?
Неколку владини извори сега сметаат дека премиерот би можел да објави временска рамка за заминување – можно е тоа да се случи уште утре.
Сè повеќе сигнали покажуваат дека премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, би можел да претстави план за повлекување од функцијата, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Сер Кир Стармер досега постојано инсистираше дека нема да се повлече и дека ќе се бори против секој обид за негово сменување од лидерската позиција.
Но, расположението во владата се промени во последните 48 часа.
Неколку владини извори сега сметаат дека премиерот би можел да објави временска рамка за заминување – можно е тоа да се случи уште утре.
Јасни знаци дека работите се движат бргу се видоа и во она што утрово за „Би-би-си“ го изјави министерот за бизнис Питер Кајл.
Премиерот, рече тој, ќе го направи „она што е во најдобар интерес на земјата“.
Сер Кир, додаде Кајл, размислува за предизвиците со кои се соочува и за политичката реалност.
Предизвиците за премиерот постепено се зголемуваат веќе подолго време.
„Проблемот е во Стармер, а не во партијата“
Поранешен висок државен службеник предупреди дека неизвесноста околу лидерството е „исклучително нарушувачка“.
Пратеници од Лабуристичката партија тврдат дека проблемот не е нужно во партијата, туку во човекот што ја води. Тие веруваат дека премиерот лично е непопуларен и дека токму Стармер ја влече партијата надолу.
Резултатот од дополнителните избори во Мејкерфилд, според многумина, може да биде капката што ја прелеа чашата.
Кој е фаворитот?
Убедливата победа на Енди Барнам на дополнителните парламентарни избори во Мејкерфилд, изборна единица во областа Виган во Голем Манчестер, дополнително го засили притисокот врз британскиот премиер Кир Стармер.
Барнам, досегашен градоначалник на Голем Манчестер и поранешен министер во лабуристичките влади, со оваа победа се враќа во британскиот парламент како пратеник.
За дел од лабуристите, неговиот успех против кандидатот на „Реформ УК“ е доказ дека тој може поефикасно да ѝ се спротивстави на партијата на Најџел Фараж.
Во партијата веќе подолго време расте незадоволството од Стармер, а бројот на пратеници кои сметаат дека треба да се повлече се зголемил по изборниот пораз.
Особено значајно е што и високи министри, меѓу кои Ивет Купер, Шабана Махмуд и Хајди Александер, приватно му порачале дека треба да замине, но сепак останале во Владата. Тоа, според извори во партијата, покажува колку е ослабен неговиот авторитет.
Барнам сега важи за главен фаворит за следен британски премиер, но сè уште е неизвесно дали ќе има вистинска лидерска трка.
Вес Стритинг и понатаму се споменува како можен кандидат, иако неговите сојузници навестуваат дека може да има договор меѓу потенцијалните наследници.
Отворено останува и прашањето кога би се случила транзицијата.
Дел од поддржувачите на Барнам сакаат таа да биде околу партиската конференција во септември, додека, пак, други предупредуваат дека долг вакуум би ја парализирал Владата.


