Насилник со години ги малтретирал сопругата и децата, 15-годишната ќерка се обидела да си го одземе животот поради заканите и навредите
Основното јавно обвинителство Скопје, освен постапката против насилникот што подолго време го малтретирал семејството, поведе и постапка против 33-годишен скопјанец, кој телесно ја повредил сопругата.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 56-годишен маж осомничен дека подолг период психички и физички ги малтретирал сопругата и нивните две деца на возраст од 18 и од 15 години. Според обвинителството, семејството од страв не го пријавувало насилството, сè додека притисокот и заканите не довеле до сериозни последици кај 15-годишната ќерка која се обидела да си го одземе животот.
Препорачано
„Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале, сѐ додека 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, не се обидела да си го одземе животот“, се наведува во соопштението.
Македонец убил жена во Грција — го ставил телото во вреќа и го закопал во нива
Скопјанец ја тепал сопругата
Постапка е поведена и против 33-годишен скопјанец, кој ја повредил сопругата.
„На 20 јуни, во возило ја влечел и се заканувал на жената, а во еден момент сакал да ја удри со стаклено шише. Оштетената во возење ја отворила вратата и скокнала од возилото, а осомничениот застанал и се обидел на сила пак да ја внесе внатре. На жената ѝ нанел телесна повреда, што е казниво според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик,“ информира обвинителството.
Во двата одвоени настани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кои вклучуваат: забрана на осомничените да го напуштаат живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, привремено одземање на патните исправи, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените и забрана за посетување на локациите каде што тие се движат.


