Зошто нема Турци во германската фудбалска репрезентација?
Германија со победа го отвори Светското првенство во фудбал, но во тимот нема ниту еден играч со турско потекло. Кои се причините што Турците, иако најголема доселеничка група во земјата, не играат за репрезентацијата?
Првиот натпревар на Германија на Светското првенство во фудбал донесе голема радост кај навивачите – победа од 7:1 против Курасао. Четири од головите ги постигнаа играчи со мигрантско потекло: Феликс Нмеча, Џамал Мусијала, Натаниел Браун и Дениз Ундав, пишува германскиот магазин „Шпигел“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според магазинот, Германија е земја на имиграција – и тоа јасно се отсликува во националниот тим. Половина од составот има мигрантско потекло. Според вообичаената дефиниција, тоа значи дека барем еден од родителите при раѓањето немал германско државјанство. Нивните корени водат кон Нигерија, Гана, Узбекистан, Велика Британија и други делови од светот.
Германската репрезентација е исклучително разновидна. Но ако се погледнат биографиите, брзо станува јасно дека наративот за „огледало на општеството“ има сериозна слабост: на ова Светско првенство нема ниту еден играч со турско потекло што настапува за Германија. И тоа иако Турците се најголемата група доселеници во земјата. Многу Германци со турско потекло живеат веќе во трета, па дури и во четврта генерација, а фудбалски таленти не недостигаат.
Очигледно нешто не функционира, и прашањето е – зошто?, прашува авторот на текстот во „Шпигел“ и објаснува:
Напаѓачот на германската репрезентација, Дениз Ундав, поседува турски пасош. Но, тој е со потекло од Турција, а не етнички Турчин – суптилна, но важна разлика. Кога есента настапи со својот клуб Штутгарт против Фенербахче во Турција, беше изложен на сериозни навреди поради своето потекло. Ундав е, имено, језидски Курд, а презимето Ундав не е типично турско.
За разлика од Хакан Чалханоглу, на пример – капитенот на турската репрезентација. Тој е еден од петтемина фудбалери во турскиот национален тим родени во Германија. Причините зошто некој играч ќе се одлучи за Турција се различни: семејство, пријатели, подобри кариерни можности, отсуство на повик од Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) или негативни искуства во Германија.
Политика, дискриминација и влијанието на Ердоган
Повеќе фактори придонесуваат за специфичната позиција на Германците со турско потекло: силен турски патриотизам во заедницата, но и негативни реакции и дискриминација кон муслиманските спортисти. Дополнително, во Турција постои автократска власт која го користи тоа политички.
Влијанието на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган врз турската дијаспора во Германија, преку џамии и здруженија, е проблем што трае со години. Неговата комбинација на национализам, исламизам и традиционализам наоѓа поддржувачи и меѓу дел од заедницата – вклучително и меѓу спортистите.
Хакан Чалханоглу уште во 2013 година одлучи да игра за Турција. Неколку години подоцна, тој привлече внимание со видео во кое го поддржува политичкиот курс на Ердоган.
И Месут Озил, кој се одлучи за Германија и беше клучен играч во ерата на Јоахим Лев, денес се смета за лојален поддржувач на турскиот претседател. Озил со текот на времето престана да ја доживува Германија како свој дом. Тој беше мета на остри критики откако се фотографираше со Ердоган, по што беше изложен и на расистички напади – случај што и денес одекнува.
Влошувањето на општествената клима за луѓето со мигрантско потекло му оди во прилог на турскиот претседател. Колку повеќе муслиманите се чувствуваат под притисок да се правдаат за својата вера, толку полесно тој може да привлекува млади од дијаспората.
Притисок врз ДФБ и растот на АфД
Ова ја отежнува борбата на Германскиот фудбалски сојуз за таленти. „Перверзно“ и „нехумано“ е она што 16- или 17-годишни фудбалери со мигрантско потекло го читаат на социјалните мрежи кога првпат настапуваат за Германија, изјави неодамна Каи Кругер, раководител на младинските репрезентации во Германската фудбалска федерација.
Кога фудбалерот од Регенсбург, Џан Узун, ја објасни својата одлука да игра за Турција, тој изјави: „Националниот тим мора да се чувствува – а моето срце и инстинкт ми кажаа дека Турција е вистинскиот избор за мене.“
Тоа беше во март 2024 година, кога според анкетите, германската десничарска партија АфД веќе имаше поддршка од околу 20 проценти. Еден од нејзините влијателни политичари, Бјорн Хеке, уште во 2018 година јавно се закани дека исламот ќе биде „потиснат до Босфорот“. Според најновите анкети, АфД ужива поголема поддршка од која било друга партија, пишува „Шпигел“.
Извор: DW


