Беше палаво момче и чистеше тоалети во Чиле, а денес се подготвува за британскиот трон — принцот Вилијам полни 44 години
Идниот крал на Велика Британија, принцот од Велс, Вилијам, денеска го слави својот 44. роденден. Тој мина долг период на лична трансформација низ годините. Од момче кое медиумите го следеа на секој чекор по трагичната смрт на мајка му, принцезата Дијана, до зрел воен пилот кој се подготвува да биде иден монарх и во моментов „ги држи“ најважните „конци“ во Бакингемската палата.
Препорачано

Роден во Лондон на 21 јуни 1982 година, Вилијам уште како дете покажал цврст карактер и бил бунтовно и палаво момче. Во јавноста позната е и онаа анегдота која како седумгодишно момче ѝ кажал на својата мајка Дијана, „дека сака да стане полицаец за да ја заштити, на што неговиот помлад брат Хари му одговорил: ’О, не можеш, ти мора да бидеш крал’ “.

Како тинејџер Вилијам заработил и сериозна фрактура на черепот на еден од терените за голф, која му остави лузна на челото, која на шега ја нарекува „лузната на Хари Потер“ затоа што понекогаш свети на сонце.
Бришење на кралскиот протокол, чистење тоалети во Чиле и името „Стив“
Принцезата Дијана често говорела дека сака нејзините синови да искусат реален живот“ надвор од „златниот кралски кафез“, па ги водела во „Мекдоналдс“, засолништа за бездомници и клиники за заразени од ХИВ, а Вилијам бил исклучително приврзан со неа.

Токму тоа имало големо влијание на Вилијам кој по завршувањето на престижниот колеџ Итон одлучил да замине во Чиле, како дел од интернационалната програма во градот Тортел. Принцот живел со други млади наставници, делејќи ѓи и заедничките домаќински задолженија, вклучувајќи го и чистењето на тоалетот, а волонтирал и како презентер во локалната радио станица.

Кога во 2001 година се запишал на Универзитетот „Свети Ендруз“ во Шкотска, неговото појавување предизвикало бурни реакции и огромен број на апликации од девојки кои сакале да го запознаат. За да се заштити од папараците и медиумскиот притисок, принцот одлучил да се запише под лажното име Вилијам Велс, а колегите од факултетот со години го викале „Стив“.

Таму ја започна и долгогодишната врска со Кетрин (Кејт) Мидлтон, која му била цимерка на факултетот, а подоцна, во 2003 година почнале да се забавуваат. Нивната романса предизвика таква „хистерија“ во британската јавност што обложувалниците веќе примале уплати за кралска свадба.
Поради огромниот притисок од јавноста, 2007 година тие ставија крај на врската, но набрзо потоа поторно ја продолжија романсата. Вилијам ја запроси Кејт во октомври 2010 година за време на одмор во Кенија, и тоа со истиот 12-каратен веренички прстен кој припаѓаше на неговата мајка, принцезата Дијана. Официјално се венчаа во април 2011 година во Вестминстерската опатија, настан кој го следеа милијарди луѓе ширум светот.

Сериозна воена кариера и хуманитарен печат
Наместо да биде само „протоколарна фигура“, Вилијам низ годините изгради сериозна кариера во британската војска. По негова иницијатива, тој дипломираше на воената академија „Сандхерст“, а подоцна стана и активен пилот на хеликоптер во кралските воздухопловни сили, учествувајќи во десетици ризични спасувачки мисии на терен.

Покрај војската, тој денес раководи со бројни фондации фокусирани на менталното здравје, бездомниците и заштитата на дивиот свет во Африка, со што директно го продолжува „хуманитарниот завет“ на својата покојна мајка Дијана. Денес, како татко на три деца, Џорџ, Шарлота и Луис, Вилијам полека и внимателно го презема приматот во кралското семејство, особено откако неговиот татко, кралот Чарлс Трети, неколку години наназад се соочува со сериозни здравствени предизвици.

Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон се подготвуваат за голема промена по 15 години брак


