Венко Филипче, СДСМ Конгрес / Фото: Слободен печат - Методи Здравев

Владата најмногу потфрли во ветувањата за економијата и за животниот стандард, тврди Филипче

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска презентираше анализа на изборната програма „Платформа 1198“, по повод две години од Владата на Христијан Мицкоски. Според СДСМ, анализата покажува дека најголем дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ не се реализирани и дека граѓаните не го добиле најавениот подобар живот.

— По две години граѓаните не добија ни повисок стандард, ни поквалитетен живот, ниту подобри услови за живот, ниту, пак, пофункционални институции. Не ги добија ветувањата на Мицкоски и на ВМРО пред изборите. Едноставно, граѓаните се излажани — порача Филипче.

Тој рече дека резултатите од анализата се поразителни и дека, според СДСМ, по две години од мандатот на актуелната влада се исполнети само мал дел од ветувањата.

— Имено по две години од мандатот на оваа влада реализирани се само околу 10 отсто од ветувањата. Деведесет отсто од ветувањата дадени пред две години не се исполнети. Практично ништо — истакна Филипче.

Според лидерот на СДСМ, најголемиот неуспех на Владата е во економијата и во животниот стандард, области што, како што рече, биле меѓу клучните ветувања на Мицкоски пред изборите.

— Денеска, наместо зголемен животен стандард, стандардот е намален во споредба од пред две години. Граѓаните живеат полошо и потешко, паричниците и фрижидерите се попразни — рече Филипче.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кристина Костова: Во СДСМ се потребни реформи, но не само козметички

Тој оцени дека граѓаните наместо повисоки плати и подобри услови за живот се соочуваат со растечка сиромаштија, високи цени и со намалени инвестиции.

— Наместо зголемен стандард, работниците добија зголемена сиромаштија. Наместо зголемување на странските инвестиции, странските инвестиции се намалени за речиси две третини — посочи Филипче.

Филипче додаде дека по две години владеење, Владата на Мицкоски нема резултати во клучните области, а последиците, според него, секојдневно ги чувствуваат граѓаните.

— Остварените резултати се една голема нула. Во реформи, во животен стандард, во плати, во мерки за млади, поддршка за земјоделци, за наставници, за лекари, едноставно нула за европскиот пат — порача претседателот на СДСМ.

Претседателот на СДСМ оцени и дека по две години власт на Владата на Христијан Мицкоски, наместо повисок стандард, поголеми инвестиции и пониска инфлација, граѓаните се соочуваат со поскапувања, сиромаштија и „намалени странски инвестиции за една третина“.

Филипче тврди дека институциите се партизирани, а тендерските скандали „покажуваат дека нема вистинска антикорупциска борба“.

Тој обвини дека младите се оставени без мерки за образование, домување, работа и перспектива, поради што сè повеќе размислуваат за иселување од земјата.

Кога Мицкоски прозива, сите молчат и ракоплескаат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот