Изложба „поПуст(о) % – исто“ на Марија Сотировска Богдановска

Интерактивна изложба на Марија Сотировска ќе биде претставена во Берлин

Во „Прима центар Берлин“ на 23 јуни 2026 година, во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „поПуст(о) % – исто“ на македонската уметница Марија Сотировска Богдановска.

Инсталацијата го презема визуелниот јазик на трговијата – етикети, попусти и рекламни формули – но го користи за да ги разоткрие неговите внатрешни противречности. Наместо да ја зајакне илузијата на изобилство, делото ја преведува економската вредност во поинаква, поскриена пресметка: козметички третман се претвора во количина вода, моден додаток во медицинска помош, технолошки уред во детски труд, а криптовалута во енергија доволна за едно село.

Изложбената поставка дополнително ја нагласува критичката перспектива. Црвена патека ги води посетителите низ ритуал на потрошувачка до конвексно сообраќајно огледало со натпис „Добредојде на попусто!“, кое го враќа погледот на гледачот кон самиот себе во искривена форма. Токму на ова место посетителот е повикан да го запише или нацрта сопствениот слоган за попуст – чин со кој и самиот станува дел од машинеријата на пазарната реторика што претходно ја набљудувал однадвор.

Насловот на проектот функционира како јазична игра во која се преклопуваат повеќе значења: „попуст“ како термин на пазарната економија, „пусто“ како слика на опустошување и „исто“ како алузија на повторливоста на истиот економски механизам.

Како што истакнува кураторката на изложбата, д-р Ана Франговска, делото „не функционира само како критика на потрошувачката култура“, туку „создава ситуација во која јазикот на маркетингот се претвора во средство за етичко и политичко преиспитување“.

Изложбата вклучува и интерактивен сегмент во кој посетителите можат да оставаат сопствени цртежи и пораки, со што поставката прераснува во простор на колективно создавање значења.

Марија Сотировска Богдановска (1983, Скопје) дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 2022 година е доцент на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики при Факултетот за ликовни уметности – Скопје, УКИМ.

Досега реализирала бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство, меѓу кои во Берлин, Софија, Белград, Загреб, Подгорица, Прага, Москва и Пекинг. Таа е членка на женската уметничка група „Моми“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот