„Животни“

Пред проба со бендот „Животни“: Нашата музика е обид да се одржи жива „Балканската пролет“

Секојдневието на Балканот е една од главните темите што го обликуваат светот на бендот „Животни“, а токму тоа беше повод за разговор со јадрото на групата пред нивната проба.

Пред штимувањето на инструментите и првиот отсвирен тон – пред да започнат со нивната проба – дел од скопскиот бенд „Животни“ ни пружи можност да ѕирнеме зад сцената и подобро да се запознаеме со нивниот проект.

Во срцето на проектот „Животни“ се наоѓа основачот Мартин Џорлев, авторот на приказната за Балканот која се раскажува преку албумот „На Балкан, сам“. За создавањето на овој албум, кој излезе во ноември минатата година, Џорлев соработува со Раде Биковски и Александар Галевски.

Сепак, доколку ги затекнете „Животни“ на сцена, најверојатно ќе ги видите во доста проширен и поразличен состав. Покрај Џорлев – вокал и гитара и Галевски – тапани, настапуваат и Борјан Гаговски – бас гитара, Андреј Ѓоршевски – гитара, Филип Павловски – гитара, Борис Дебси – флејта, Елена Васова – вокал и Иво Николовски – синтисајзер.

Искрените текстови и богатите аранжмани во нивните песни се надополнуваат меѓусебно, а тие никогаш не се обидуваат да дадат големи одговори, само да ги доловат секојдневните искуства и чувства преку плетењето на приказни.

Со јадрото на бендот – Мартин, Раде и Александар – се сретнавме во кафе барот „Погон“, каде што тие ни раскажаа за нивната соработка, развивањето на проектот и што сè се крие зад создавањето на „На Балкан, сам“.

Мартин Џорлев / „Животни“

На сцената сте необично голем број на музичари, а за настапите секако треба припрема. Како изгледа една проба, и организирањето на истата, со осум членови?

Мартин: Прво ја поврзуваме миксетата во звучникот и се слушаат вокалите. Потоа, се договараме по кој редослед ќе ги свириме песните и дали има нешто ново што сакаме да пробаме. Реално, сите доаѓаме спремни и само свириме. Не правиме многу често проби. Тоа се смееме, сме имале повеќе свирки отколку проби. Многу луѓе сме и сите имаме многу обврски. Понекогаш се собираме по неколку членови, четири-пет луѓе. Бендот има едно јадро кое е мојата гитара, тапаните и басот и конструкцијата на песните се движи околу тие елементи, а сè друго се додатоци на звукот.

Александар: Реткост е да се собереме сите заедно на проба, можеби двапати само се има случено да сме сите. Реткост е да правиме поредовни проби со толку луѓе.

„Животни“ е нов проект, создаден за креирањето на овој албум. Што е тоа во песните што не можеше да биде искажано преку другите бендови во кои членувате и од каде произлезе потребата за нов проект?

Мартин: Многу спонтано се случи создавањето на „Животни“. Јас имав и еден друг проект кој се вика „Стој, после“. Малтене, „Животни“ е истиот бенд само со додадени два членови, со Елена и Борис. Прво имаше друга идеја која почна со „Црна Гора“ и таа требаше да биде дел од еден компилациски албум со повеќе музичари. Сакав да напишам албум кој е за Балканот. Идејата беше да има по една песна за секој главен град на секоја држава на Балканот, што потоа прерасна во еден патоказ низ Балканот. Со „Луфтанза“ веќе имавме албум и имавме турнеја тој период. Ми беше пологично да биде некое продолжение на „Стој, после“ отколку да биде дел од „Луфтанза“ или било кој друг бенд.

Често велите дека бендот е роден во „Балканската пролет“. Што значи тој поим за вас?

Мартин: Пролетта како мотив ја има уште за време на марксизмот, доаѓа од пролетеријатот. Пролетта е како симбол на премин, често револуционерен премин од една општествена форма во друга, од едно уредување кон друго или барем промени на одредени елементи во моменталното општествено уредување. Последниве години, протестите во Србија, во Македонија, во Бугарија, во Грција заедно се велат со фразата „Балканска пролет“, во смисла целиот Балкан се дига на нозе и вели: Не ни се допаѓа како е тука, и бара некаква промена. Тоа е моменталната социјална клима на Балканот, некаква пролет што пробуваат да ја стишат. Музиката е како некој обид да се одржи жива таа пролет.

Што се однесува до текстовите произлезени од таа „пролет“, кога ги обработувате општествените теми, колку тргнувате од лични искуства и чувства, а колку од потребата да се зборува за пошироките случувања на Балканот?

Мартин: Прво е секогаш личното искуство. Ама ако си искрен со себе си, денес личното искуство е општото. Тоа што јас можам да појдам од како јас лично се чувствувам за толку банална работа како една прошетка низ град и да видам некој натпис и да се присетам каде биле протестите значи дека во самото секојдневие била жива таа општа тешкотија. Ако си навистина искрен пишувајќи за личното, нужно стигнуваш до општото, до колективното. Треба да си ептен самозаљубен, според мене, за личното пишување да е само лично. Затоа, поаѓам лично ама со време, барем како што ми велат луѓе, тоа што било напишано допира до некои колективни начела.

Ова не е вашата прва соработка меѓу вас тројца. Како изгледаше создавањето на „На Балкан, сам“ и зошто повторно одлучивте да работите заедно?

Раде: Многу го сакам Мартин, многу ја сакам неговата уметност општо. Особено тој момент што знам како Мартин работи и знам дека знае што сака од нештото. Тоа исто така ми олеснува на мене за да го разберам што сака да прикаже со музиката. Од секогаш сум го гледал тоа така. Самата соработка со него е беспрекорна. Ми се допаѓаше целиот проект од почетокот, од кога почнавме да работиме на „Црна Гора“, која беше првата песна. Со текот на времето, само се правеа песни. Сакав да го направиме и да испадне најдобро што може да биде, и така беше на крај, според мене. Многу сум задоволен од албумот.

Александар: Тоа е. Соработката со Мартин ми е една од најприродните работи кои досега сум ги искусил како музичар, не знам зошто, само така е. Многу е лесно. Истовремено, многу е лесно да ја следиш неговата идеја за како треба да биде некоја песна, но и ти дава многу самодоверба да „си тераш“ ти како што си, како музичар. Има доверба во тебе, знае дека ќе ја направиш правилната одлука.

Александар Галевски / „Животни“ / Фото: Матеја Васојевиќ

Имаше ли моменти кога некоја песна беше целосно променета или, пак, делумно подобрена поради некоја спонтана сугестија?

Раде: Јас додавав идеи за песните. Слушав Мартин што има и додавав на некои песни. Конкретно на „Камен“, на пример, имаше само акустична гитара и тапани на почетокот и јас реков да ја збогатиме, да додадеме електрични гитари. Сосема друга димензија додаде тоа. Се чувствува во самите песни тоа. Не е само јас сега седам и слушам и викам „да, да“ и ништо друго.

Мартин: Тоа е ознака на добар продуцент, да знае што сака музичарот да каже дури и кога самиот музичар не знае. Јас сум сакал тоа нешто да го доловам ама не сум ни знаел. Знае да го извади тоа од мене. Тоа беше целиот албум. Тивките придонеси се исто така битни, иако не се зборуваат толку, капка по капка – вир.

На албумот има најразлични инструменти и богати аранжмани. Од каде дојде желбата за вклопување на не толку секојдневни инструменти?

Мартин: Јас во голема мера пораснав на џез, на боса нова и на класична музика, па и на народна музика. Во сета оваа музика виолината е речиси неопходна, контабас и клавир исто така. Што се однесува на хармониката, тоа ми беше прв инструмент кој го свирев како дете. Бев многу заљубен во шпанскиот џез што ми го пуштаа моите. Многу сакав да свирам хармоника, па моите ми купија „дугметара“, на македонски копчарка, што никогаш не се „фати“ како термин. Затоа има и хармоника, затоа што свирев многу долго. Што се однесува на виолините, братучедка ми Олгица Здравковска ги свири сите виолини на албумот. Ми беше интересно дека мелодиите и ги свирев на гитара, не и ги давав како ноти, и сепак ме разбираше. Мило ми е дека и нејзе ѝ беше интересно.

Раде и Мартин, со години сте дел од македонската сцена, а денес имате прераснато и во менторска улога за помладите бендови, како што ве споменаа членовите на „Големата вода“. Какво е чувството да бидете инспирација за новата генерација музичари?

Раде: Мене ми е многу мило што деца се угледуваат на тоа ние што го имаме создадено и создаваат нешто ново самите. На некој начин тоа ми е целта на животот, да посочам и натерам некои млади да го создаваат и да го прават тоа што го сакаат. Тоа секогаш ми било нешто што сум сакал да го направам. До пред некоја година сум немал можност баш, но сега со текот на времето баш можам да ги посочам на некој пат.

Мартин: Мило ми е што им помагаме на помладите од нас да си го најдат патот, но истовремено многу е важно да се разбере дека во голема мера е двострано тоа. Јас колку што сум дал, толку сум добил назад. Не е само јас давам совети и луѓето го следат мојот совет и толку. Кога го продуциравме албумот на „Големата вода“, на пример, јас многу научив и од нив, како што значи да се има одговорност, да се свири, да се сака да се свири, да се посакува. Колку што ми е мило дека сме помогнале, толку ми е помило дека стануваат сè подобри и подобри. Јас на нивна возраст бев повеќе неперспективен, самозаљубен и изгубен. За разлика од нив, кои имаат таква една перспектива и жар за свирење, за творење, за работа. Само ги бодрам. Мило ми е што рекле дека сме им инспирација, и тие ни се на нас голема инспирација.

Пред проба со бендот „Големата вода“: Младите и музиката во државата се запоставени исто како децата во книгата

Во бендот се вкрстуваат и соработуваат многу членови на други млади бендови. Дали има некој музичар или група со која би сакале да работите во иднина?

Мартин: Прво што ми доаѓа напамет е „КЕМ“. Колку и да не се познава по музиката што ја правиме, јас си сакам рап и конкретно ми се интересни и кул како луѓе, го почитувам тоа што го прават. Сум размислувал и сум зборел со нив да се направи некој ремикс или сосема нешто ново. Мислам дека би било интересно да пробаме да направиме нешто ново со Емир, Марче и Захар.

Што имаат „Животни“ во план за иднината, дали бендот го замислувате како долгорочен проект?

Мартин: Сме збореле за ова, не знаеме. Има доста песни што останаа, што не се дел од албумот. Пишувам и сега некои нови песни ама не знам. Размислував до издавањето и потоа свирењето на албумот, а што понатаму ќе видиме.

Раде: Јас знам дека треба да има, треба да се прави нов албум, ама кога ќе дојде време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот