Фото: Википедија

Го нарекуваат „кралот на северот“ – кој е човекот што најверојатно ќе го наследи Стармер?

Кеир Стармер поднесе оставка од функцијата британски премиер и претседател на Лабуристичката партија, а како јасен фаворит за негов наследник се споменува Енди Барнам, политичар познат по прекарот „кралот на северот“, објави Си-ен-ен.

Стармер изјави дека неговата оставка го отвора прашањето дали тој е најдобрата личност што може да ја води партијата до следните парламентарни избори. Според него, одговорот на парламентарната група бил јасен и тој го прифатил со почит.

Барнам во последните години стана еден од најпопуларните британски политичари. Иако често се претставува како човек надвор од политичкиот естаблишмент, неговата кариера почнала рано. На 24 години бил парламентарен истражувач, на 28 специјален советник, а на 31 година првпат бил избран за пратеник.

Во парламентот поминал 16 години и служел во владите на Тони Блер и Гордон Браун, каде што стигнал до функцијата министер за здравство. Двапати неуспешно се кандидирал за лидер на Лабуристичката партија, во 2010 и во 2015 година, кога убедливо бил поразен од Џереми Корбин.

Барнам е роден во 1970 година во Ливерпул, а пораснал во Калчет, во Чешир. Неговите родители биле посветени лабуристи, а тој уште како тинејџер развил интерес за политика. Студирал англиски јазик на Кембриџ, но подоцна напишал дека таму тешко се вклопувал и се чувствувал како натрапник.

По дипломирањето работел како новинар во стручни списанија, а првата политичка шанса ја добил како истражувач кај Теса Џовел. Подоцна станал специјален советник, а во 2001 година бил избран за пратеник во Ли.

Како градоначалник на Манчестер, Барнам изгради репутација на политичар што му се спротивставува на Вестминстер. Токму таа позиција му го донесе прекарот „кралот на северот“. За време на неговиот мандат, поширокото подрачје на Манчестер бележеше економски раст, беа подобрувани јавниот превоз и станбената политика.

Сепак, не ги исполни сите големи ветувања. Меѓу нив беше и ветувањето за искоренување на бездомништвото до 2020 година. Неговите критичари тврдат дека дел од основите за успехот на Манчестер биле поставени уште пред тој да дојде на власт.

Доколку Барнам стане премиер, Велика Британија првпат во историјата би добила премиер католик.

Во лабуристичките кругови неговата политика се поврзува со таканаречениот „манчестеризам“. Тој го опишува како социјализам наклонет кон претприемништвото и како крај на економскиот модел што, според него, ги занемарил местата како Мејкерфилд.

Политички, Барнам се позиционира малку полево од Стармер, но десно од Корбин. Неговата евентуална платформа би се соочила со истите буџетски и политички ограничувања како и владата на Стармер, во земја со ограничен простор за трошење и сè поделена политичка клима.

Клучен предизвик за него ќе биде балансот. Ако оди премногу десно по прашања како имиграцијата, ризикува да ја изгуби прогресивната урбана база на лабуристите. Ако, пак, оди премногу лево, може да ја отуѓи традиционалната работничка база.

Сега Барнам влегува во парламентот, а британската јавност внимателно ќе го следи секој негов потег.

Зошто Кир Стармер мораше да замине?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот