Австралиската полиција заплени кокаин вреден 500 милиони евра
Австралиската полиција заплени 2,7 тони кокаин, скриен во подземен систем од скривници во западниот дел на Сиднеј. Како што јави АБЦ, станува збор за најголема операција од ваков вид во историјата на земјата.
Препорачано
Дрогата, чија пазарна вредност се проценува на околу 816 милиони австралиски долари, односно приближно 500 милиони евра, била откриена во петокот. Кокаинот бил сокриен под двојни подови во три транспортни контејнери на имот во Лондондери.
Во акцијата се уапсени двајца мажи, на возраст од 21 и 25 години, кои, според полицијата, се обиделе да побегнат. Тие се обвинети за поседување комерцијално количество нелегално увезена наркотична супстанција што подлежи на гранична контрола.
Полицијата тврди дека организирана криминална група го прошверцувала кокаинот во Австралија преку малото гратче Миџ Поинт во Северен Квинсленд.
На двајцата уапсени им е одреден притвор откако во саботата се појавиле пред суд. Доколку бидат прогласени за виновни, тие се соочуваат со доживотен затвор, наведува Би-би-си.
Полицијата соопшти дека акцијата на имотот во Лондондери е дел од „Операцијата Минцјан“, која почнала во мај, откако 40 килограми кокаин биле пронајдени како плутаат во вода во близина на рампа за чамци во Миџ Поинт.
Во рамките на истрагата, минатата недела биле уапсени и обвинети уште шест лица во Квинсленд и во Нов Јужен Велс. На Соломонските Острови бил задржан и брод за кој се претпоставува дека служел како „матичен брод“ и за кој постои сомнеж дека бил дел од шверцерската операција.
И покрај својата оддалеченост, Австралија е профитабилен пазар за трговија со дрога. Според податоците на системот за мониторинг на нелегални супстанции при Универзитетот во Нов Јужен Велс, цената на кокаинот вообичаено достигнува околу 300 австралиски долари за грам.
Светскиот извештај на ОН за дроги за минатата година, исто така, наведува дека кај Австралијците и кај Новозеланѓаните се регистрирани највисоки стапки на употреба на кокаин во светот.


