Александар Вучиќ / Фото: EPA/EFE / Koca Sulejmanovic

Вучиќ: Сите ќе бидат повикани да објаснат каде бил звучниот топ

Српскиот претседател Александар Вучиќ доцна попладнево, во изјава за белградски медиуми, рече дека воениот аналитичар Александар Радиќ бил повикан во обвинителството за да даде изјава за случајот „звучен топ“, пренесе Н1.

Изјавата ја даде откако полицијата денеска изврши претрес во станот на Радиќ.

„Радиќ бил повикан да даде изјава. Сите ќе бидат повикани да дадат изјава, ништо посебно. Наместо тоа, тие сакаат да се претставуваат како жртви, маченици и не знам што. Значи, нека дадат изјава и нека објаснат каде бил звучниот топ“, рече Вучиќ.

Српскиот воен аналитичар Александар Радиќ попладнево, во придружба на полицијата, беше изнесен од зградата во Белград во која се наоѓа станот на неговата сопруга, по извршениот полициски претрес.

Адвокатот на Радиќ, Стефан Ќорда, изјави за телевизијата Н1 дека нема основа за апсење на Радиќ. Тој претходно за Н1 потврди дека полицијата „собира докази против Радиќ“, наводно за кривично дело „напад врз уставниот поредок на Србија“.

РТС објави неофицијална информација дека полицијата, по наредба на Вишото јавно обвинителство, ги претресла станот и канцеларијата на Радиќ поради „ширење информации за употреба на звучен топ“.

Радиќ беше меѓу првите што јавно проговорија за употребата на „звучен топ“ за време на протестот на 15 март 2025 година.

Главниот уредник на новинската агенција Бета, Војкан Костиќ, денеска изјави дека добил покана од Управата за криминалистичка полиција за собирање информации во предистражна постапка за кривично дело „подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија“. Костиќ за Н1 изјави дека поканата му била врачена додека известувал за претресот на станот на воениот аналитичар Александар Радиќ.

Според него, полицијата не сакала да одговори на прашањата зошто се врши претресот. Претходно денеска Костиќ направил интервју со Радиќ.

Здружението на независни електронски медиуми во Србија, АНЕМ, изрази сериозна загриженост поради претресот на станот на Радиќ, доставувањето покана до уредникот на агенцијата Бета, Војкан Костиќ, и таргетирањето на новинарот на неделникот „Радар“, Милан Радоњиќ, во врска со истрагата за наводите за употреба на звучен топ на протестот во Белград на 15 март минатата година.

Во соопштението до медиумите, од АНЕМ оценија дека е неприфатливо новинари и аналитичари кои се занимавале со тема што ја вознемирува јавноста и граѓаните во последната година, и јавно ја коментирале, да бидат цел на истрага.

„Таргетирањето на новинарите и аналитичарите е закана за слободата на говорот и изразувањето во Србија и мора веднаш да запре“, се наведува во соопштението.

Вишото јавно обвинителство денеска соопшти дека ќе бидат гонети „сите оние за кои ќе се утврди дека го подготвиле, организирале, спровеле, а потоа во медиумите и на социјалните мрежи го ширеле истиот наратив за наводната употреба на звучен топ“.

Претресот се случува три дена по објавата на Вишото јавно обвинителство во Белград дека се спроведува истрага за поврзаноста меѓу студентското движење и случајот „звучен топ“.

На 15 март минатата година, на масовен антивладин собир, илјадници луѓе се разбегаа за време на оддавањето почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Учесниците сведочеа дека слушнале необичен звук и почувствувале вибрации, по што побарале засолниште.

Обвинителството соопшти дека добило информации за состанок на студентите во блокада од јануари 2025 година и дека постои сомнеж оти учесниците на состанокот, по тие разговори, почнале да работат на спроведување план за „симулирање ситуација“ во која би изгледало дека полицијата употребила „звучен топ“ против демонстрантите на протестот.

Студентите во блокада истиот ден ги демантираа тие тврдења на социјалните мрежи, наведувајќи дека станува збор за „уште една лага и одвлекување на вниманието од суштинското прашање – што се случи на 15 март“.

Случајот „звучен топ“ пред Првото основно јавно обвинителство во Белград и по повеќе од една година сè уште е во фаза на предистражна постапка. Случајот го привлече и вниманието на меѓународната јавност, а истрага побараа Европската Унија и Обединетите нации.

На 21 јуни, Вучиќ ѝ се заблагодари на Руската служба за безбедност, ФСБ, за потврдата дека, како што рече, заедно со српската служба утврдиле оти на протестот во Белград на 15 март 2025 година не бил употребен „звучен топ“.

Србија: Поднесена кривична за тероризам за инцидентот со звучниот топ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот