Со изложба на Државен архив и концерт на авторски проект на Петар Христов почна 47. „Скопско лето“
Свеченото отворање на 47-мото издание на фестивалот „Скопско лето“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, се одржа на традиционалниот датум, на 21 јуни, најдолгиот ден во годината, во Музејот на македонската борба за самостојност.
Препорачано
Фестивалот беше отворен со изложбата „75 години Државен архив на Република Северна Македонија“ со наслов „Ризница на постоењето – од документ до историја“, која е подготвена по повод 75 години постоење на оваа значајна институција, јубилеј кој се одбележува во 2026 година.
Изложбата ги опфаќа најзначајните документи кои се чуваат во Државниот архив – централен дел и неговите девет Одделенија во Скопје, Тетово, Куманово, Штип, Струмица, Прилеп, Битола, Охрид и Велес. На 16 паноа се прикажани документи кои говорат за историјата на Македонија во Османлискиот период, историја на секојдневниот живот, за Македонците кои живеат во дијаспората, културниот живот во XX век, институционалната меморија во македонската држава и др.
До сега изложбата беше промовирана во рамки на Свечената академија која се одржа на 6 април 2026 година по повод јубилејот во Македонскиот народен театар, а наскоро ќе биде претставена во Куманово. Автори на изложбата се м-р Марјан Гијовски, Блерта Емини, Дора Јурукова, д-р Јасмина Дамјановска и м-р Јован Стојановски.

Истата вечер се одржа концертот „Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес“, безвременско музичко патување низ традицијата и византискиот мистицизам како авторски проект на мултиинструменталистот Петар Христов, со аранжмани на Александар Ицковски.
Овој уникатен аудио-визуелен настан претставуваше длабок спој на традиционалниот мелос, византиската духовна музика и класичната софистицираност. Преку богатиот звук на автентичните инструменти – лира, уд, лаута, дудук, ксантур, тамбура и кларинет – публиката патуваше низ вековите: од емоцијата на македонската изворна песна, преку молитвените псалми, па сè до раскошните византиски и средновековни мотиви.
Изведувачи на концертот беа: Петар Христов (лира, уд, лаута, дудук, G-кларинет) и специјалните гости Ана Митовска (вокал, ксантур), Горан Трајкоски (вокал), Гоце Ристовски (вокал, тамбура), Симон Облешевски (вокал, удиралки), Александар Ицковски (виолончело, кларинет) заедно со камерниот состав „Полифонија“: Сања Шуплевска (виолина), Ирена Костовска (виолина), Гоце Вангеловски (виолина), Филип Георгиев (виола).
Концертот ѝ понуди на бројната публика внимателно конципирана репертоарска линија во 18 точки, која се движеше од моќни традиционални теми, како „Развивај горо зелена“, преку духовната длабочина на Псалмите 118 и 120 и мистичните композиции „Ватопед“ и „Тврдокорна молитва“, па сè до раскошните оркестарски звуци на „Весела Византија“ и „Бузелик“.
Во рамките на втората вечер на 47. „Скопско лето“, на 22 јуни, со почеток во 20:30 часот, во Католичката катедрална парохија „Пресвето Срце Исусово“, ќе се одржи камерен концерт насловен „Musica Sacra Barocca“. Изведувачи се Дубровничкиот гудачки квартет: Слободан Бегиќ – виолина, Кармен Бегиќ – виолина, Ива Нодило – виолончело, Анте Блажевиќ – оргули, а солисти се Ања Папа Перановиќ – сопран и Берислав Јерковиќ – баритон. Влезот на концертот е слободен.


