Фото: Инстаграм/„Куќата на змејот“

Инцестуозната сцена е најкоментираниот момент во новата, трета сезона на „Куќата на змејот“

По две години чекање, обожавателите на серијата „Куќата на змејот“ (House of the Dragon) конечно ја дочекаа третата сезона. Новите епизоди започнаа со спектакуларна поморска битка, која авторите ја најавуваат како една од најголемите телевизиски продукции досега, но вниманието на гледачите го привлече контроверзна сцена меѓу Ајмонд Таргаријен и неговата мајка Алисент Хајтауер, која предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.

Новата сезона ја продолжува приказната за крвавата борба на семејството Таргаријен за Железниот престол, а според креаторот и извршен продуцент Рајан Кондал, ова е најголемата и најамбициозна сезона досега. Само за реализацијата на поморската Битка кај Гулет, која ја отвора сезоната, биле потребни две години подготовка и истражување.

„Можам со сигурност да кажам дека ова е нешто што досега не е видено на телевизија“, изјавил Кондал, додавајќи дека најголемиот дел од сцените со бродови, вода и акција биле снимени практично, а не со помош на компјутерска анимација.

Првата епизода, која трае повеќе од еден час, прикажува еден од најкрвавите судири во историјата на Вестерос и го поставува темпото за сезоната, која според авторите нема да забави до самото финале.

Но, и покрај спектакуларниот почеток, најмногу реакции предизвика сцената меѓу Ајмонд Таргаријен, кого го толкува Јуан Мичел, и неговата мајка Алисент Хајтауер, чија улога ја игра Оливија Кук.

Во една напната сцена на разговор, Ајмонд неочекувано ја бакнува својата мајка во уста. Иако Алисент изгледа изненадено, таа не реагира негативно, туку му возвраќа со насмевка додека тој се повлекува. Токму овој момент предизвика бурни реакции кај гледачите.

„Ова е дефинитивно највознемирувачката сцена досега во серијата“, напиша еден гледач на социјалната мрежа Икс, додека други ја опишаа како „непријатна“, „одвратна“ и „целосно непотребна“.

Иако инцестуозните врски не се новост во светот на Таргаријен, каде браковите меѓу блиски роднини се дел од традицијата на династијата, многумина признаа дека бакнежот меѓу мајка и син ги изненадил повеќе од сè што досега виделе во франшизата.

На реакциите се осврна и самиот Мичел, кој призна дека сцената е шокантна, но смета дека открива нова страна од неговиот лик.

„Тешко е да се прифати, нели? Да ја бакнеш сопствената мајка во уста, особено на таков начин. Но тоа беше можност да го прикажеме Аемонд од поинаков агол“, изјави актерот за списанието „Пипл“.

Тој објасни дека неговиот лик никогаш не чувствувал доволно љубов и прифаќање од своето семејство, па бакнежот го толкува како искривен и необичен начин на покажување емоции.

Третата сезона на „Куќата на змејот“ ќе има осум епизоди. По премиерата, новите продолженија ќе се емитуваат секоја недела на Ејч-би-о и стриминг-платформата Макс, сè до големото финале закажано за 9 август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот