ВИДЕО | Џим Кери сепак се враќа во улогата на Гринч — ќе има продолжение на популарниот божиќен филм
Повеќе од 25 години по премиерата на култниот празничен хит „Како Гринч го украде Божиќ“, Холивуд подготвува големо изненадување. Славниот комичар Џим Кери е во преговори повторно да го облече зелениот костум и да се врати на една од своите најпрепознатливи улоги, пишува „Верајети“.
Препорачано
Се очекува на режисерското столче да се врати и Рон Хауард, додека зад продукцијата повторно ќе застане неговиот долгогодишен соработник Брајан Грејзер. Засега деталите за самата приказна се чуваат во строга тајност, но познато е дека сценариото го пишува триото Алек Берг, Џеф Шафер и Дејвид Мандел.
Првиот филм од 2000 година постигна огромен комерцијален успех заработувајќи 345 милиони долари ширум светот, а освои и Оскар за најдобра шминка. Филмот и понатаму, по повеќе од две децении, редовно се наоѓа на листите на топ 10 најгледани божиќни остварувања во светот.
Интересно е што пред три години портпаролот на Џим Кери децидно ги демантираше гласините за продолжение, изјавувајќи за магазинот „Пипл“ дека актерот нема намера да се врати на оваа улога. Сепак, се чини дека во меѓувреме околностите се промениле, а новите преговори ги подгреаја надежите кај фановите дека Гринч повторно ќе им ги разубави (или расипе) новогодишните празници.

Легендата за зеленото чудовиште со премало срце
За потсетување, Гринч е измислен книжевен и филмски лик кој е препознатлив по своето зелено крзно, циничниот хумор и големата омраза кон Божиќ. Тој живее како осаменик во пештера на планината над гратчето Хувил, каде со години го нервира празничната среќа на неговите сограѓани. Според приказната, неговото срце е за две големини помало, што е главната причина за неговата скржавост и постојана мрзоволност.
За да им ја уништи празничната атмосфера, тој смислува план да се облече како Дедо Мраз и во една ноќ да ги украде сите подароци и украси во градот. Сепак, низ дружењето со малото девојче Синди Лу, Гринч сфаќа дека поентата на празниците не е во материјалните работи, по што неговото срце омекнува и тој станува херојот кој го спасува Божиќ.


