Итан Хок и Жили Делпи во филмот „Пред изгрејсонце“ (Before Sunrise) / Фото: Profimedia

Ја знаете ли тажната приказна зад култниот филм „Пред изгрејсонце“?

Повеќе од три децении по премиерата, филмот „Пред изгрејсонце“ (Before Sunrise) сè уште важи за едно од најромантичните остварувања во современата кинематографија. Приказната за Џеси и Селин, кои случајно се запознаваат во воз и поминуваат една незаборавна ноќ шетајќи низ Виена на 16 јуни, освои милиони гледачи ширум светот. Но, малкумина знаат дека оваа љубовна приказна е инспирирана од вистинска средба што му се случила на режисерот Ричард Линклејтер.

Во филмот, Џеси и Селин, кои ги играат актерите Итан Хок и Жили Делпи, се запознаваат во воз од Будимпешта и решаваат заедно да поминат една ноќ во Виена. Нивниот разговор за љубовта, животот и иднината подоцна прерасна во една од најценетите филмски трилогии, со продолженијата „Пред зајдисонце“ (Before Sunset) и „Пред полноќ“ (Before Midnight).

Вистинската приказна што го инспирирала филмот

Линклејтер ја добил инспирацијата од сопственото искуство со млада жена по име Ејми Лерхаупт. Ја запознал во 1989 година во Филаделфија, додека бил во посета на својата сестра.

Нивната приказна започнала со флерт во продавница за играчки. Подоцна режисерот ѝ оставил порака:

„Ќе бидам во градот само вечерва, ако сакаш подоцна да направиме нешто заедно.“

Таа вечер поминале неколку часа разговарајќи за најразлични теми. Линклејтер бил фасциниран од средбата и ѝ рекол:

„Ќе снимам филм за ова. За ова чувство и за тоа што се случува меѓу нас.“

Двајцата шетале низ градот од полноќ до раните утрински часови. Режисерот никогаш не открил многу детали за нивната средба, освен дека разговарале, споделиле романтични моменти и можеби дури и бакнеж.

Режисерот Ричард Ликлејтер со главните актери во „Пред изгрејсонце“ / Фото: Profimedia

Контакт преку писма, а потоа тишина

По средбата останале во контакт преку писма неколку месеци, но никогаш повеќе не се виделе. Подоцна Линклејтер ја запознал Кристина Харисон, која станала негова сопруга и мајка на нивните три деца.

Во меѓувреме, Ејми престанала да му пишува. Исчезнала од неговиот живот без објаснување.

Токму тоа чувство на недовршена приказна и копнеж го инспирирало режисерот години подоцна да го создаде продолжението „Пред зајдисонце“, замислувајќи како би изгледала нивната повторна средба.

Жили Делпи подоцна изјавила дека оригиналното сценарио било многу поинтелектуално и повеќе фокусирано на дијалозите, а токму актерите помогнале да се внесе дополнителна романтика во приказната.

Итан Хок, Ричард Линклејтер и Жили Делпи за време на снимањето на вториот дел од триологијата, „Пред зајдисонце“ / Фото: Profimedia

Тажната вистина ја дознал години подоцна

Линклејтер долго време се надевал дека повторно ќе стапи во контакт со Ејми. Дури три години пред премиерата на „Пред полноќ“ добил писмо од нејзина пријателка и ја дознал вистината.

Ејми Лерхаупт трагично загинала во сообраќајна несреќа со мотоцикл во мај 1994 година, пред да наполни 25 години. Во истиот период Линклејтер го снимал „Пред изгрејсонце“, без да знае што се случило со жената која го инспирирала филмот.

„Не можеше да биде потажно“, изјавил подоцна режисерот.

Во знак на благодарност и сеќавање, тој вклучил специјална посвета за Ејми Лерхаупт во одјавната шпица на „Пред полноќ“.

Со тој гест сакал да потсети на една едноставна, но длабока вистина: „Никогаш не знаеме какво влијание имаме врз животите на другите.“

Ја изневери со дадилката: Итан Хок проговори за „понижувачкиот“ развод од Ума Турман

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот