Ова се 10-те најдобри филмови што треба да ги гледате овој јуни
Летната филмска сезона е во полн ек, а овој јуни носи неверојатен спој на долгоочекувани продолженија, епски научно-фантастични драми, романтични комедии и откачени приказни, пишува „Би-би-си“. Од враќањето на култните пародии, па сè до новите ремек-дела на Стивен Спилберг, еве што задолжително треба да ставите на вашата филмска листа:
Препорачано
1. Сташен филм 6 (Scary Movie 6)
Култната франшиза која започна во 2000 година како пародија на „Врисок“ (Scream) се враќа на големото платно. По цели 20 години, оригиналните ѕвезди Ана Фарис и Реџина Хол повторно се здружуваат, а зад проектот стојат и браќата Вајанс, кои ги напишаа првите делови.
2. Канцелариска романса (Office Romance)
Кралицата на романтичните комедии, Џенифер Лопез, се враќа со нов хит. Џеј Ло ја толкува улогата на извршна директорка на авиокомпанија која започнува тајна врска со корпоративен адвокат, кој го игра Брет Голдстин. Доколку колегите дознаат за нивната романса, нејзината кариера ќе биде во сериозна опасност. Филмот е режиран од Ол Паркер.
3. Ден на разоткривање (Disclosure Day)
Повеќе од шест децении по неговите први тинејџерски обиди со филмови за вонземјани, култниот Стивен Спилберг се враќа на својата омилена тема. Во оваа епска драма играат филмските ѕвезди Џош О’Конор, Емили Блант, Колин Ферт и Колман Доминго. Сценариото на Дејвид Кеп замислува сценарио во кое вонземјаните веќе воспоставиле контакт со луѓето, но светските влади го криеле тоа со децении – сè до сега.
4. Приказна за играчките 5 (Toy Story 5)
Интернационална премиера: 17, 18 и 19 јуни
Поминаа цели седум години од претходното продолжение, но омилените пластични пријатели Вуди (Том Хенкс) и Баз Светлосниот (Тим Ален) се враќаат во акција. Овојпат приказната се соочува со модерниот свет: проблемот веќе не е дали некое дете ќе ве замени со друга играчка, туку фактот што денешните деца целосно ги забораваат играчките поради електронските таблети. Тим Ален откри дека сценариото е толку паметно и брилијантно, што едноставно не можеле да одбијат.
5. Смртта на Робин Худ (The Death of Robin Hood)
Премиера во САД/Канада: 19 јуни
Ако очекувате шарени херојски авантури во Шервудската шума, подгответе се за изненадување. Во режија на Мајкл Сарноски (A Quiet Place: Day One), Хју Џекман го толкува Робин Худ во една мрачна, сурова и ревизионистичка верзија на легендата. Овде тој е остарен, брадест герилец кој се соочува со сопственото минато. Тој бил суров отметник кој правел страшни нешта, но доживеал да види како луѓето од него направиле народен херој.
6. Тајната на Меди (Maddie’s Secret)
Премиера во САД: 19 јуни
Меди Ралф преку ноќ станува суперѕвезда на социјалните мрежи благодарение на нејзините вирални видеа со рецепти од кујната. Нејзиниот сопруг и најдобрата другарка се пресреќни, но она што никој не го знае е дека Меди тајно се бори со булимија. Филмот е класична холивудска мелодрама со еден специфичен пресврт, главната хероина ја толкува самиот машки режисер и сценарист на филмот, Џон Ерли. Критичарите веќе го оценија филмот како искрен, полн со добрина и како едно од најхрабрите американски остварувања во последните години.
7. Супердевојка (Supergirl)
Интернационална премиера: 24, 25 и 26 јуни
Само една година по новиот „Супермен“, филмскиот универзум на Џејмс Ган добива ново засилување. Но, братучетката на Супермен, Кара Зор-Ел (ја игра Мили Алкок), е сосем поинаква, таа е исцрпена, цинична и препуштена на задоволствата. Филмот е опишан како приказна за анти-херој со многу лични демони. Дополнително изненадување е Џејсон Момоа, кој го игра бруталниот вонземски ловец на уцени Лобо, улога со која фановите ќе мора да заборават дека тој до неодамна беше Аквамен.
8. Џекас: Најдоброто и последното (Jackass: Best and Last)
Интернационална премиера: 25 и 26 јуни
По повеќе од две децении фрлање со катапулти, напади од бикови и луди каскадерски потези, Џони Ноксвил и неговата откачена екипа се враќаат за последен пат. Ова петто по ред филмско продолжение е официјалното збогување на екипата, главно за 55-годишниот Ноксвил да не мора да скрши повеќе ниту една коска во телото. На прашањето за овој последен филм, тој искрено изјави: „Ова никогаш не беше добра идеја! Беше само забавно. Знаете како некои идеи се ужасни, но сепак се презабавни? Е па, тоа е ова“.
9. Покана (The Invite)
Премиера во САД: 26 јуни
Замислете вашите кул соседи од горниот кат да се Пенелопе Круз и Едвард Нортон, и на вечера да ви предложат интимни односи во четири очи. Ова е необичната премиса на комедијата „Покана“, во режија на Оливија Вајлд. Таа, заедно со Сет Роген, глуми брачен пар кој е фрустриран од своите кариери и монотониот брак. Кога соседите ќе им понудат неочекуван начин да го „зачинат“ животот, сè се менува. Критиката веќе ја нарече оваа комедија „извонредно забавна, свежа и полна со изненадувања“.


