Слаткаристика се откажа од поддршката од Агенцијата за филм: „Проектот е за прифаќање, не сакам да започне со поделби“
По бројните реакции во јавноста откако беше објавено дека документарниот филм посветен за животот на Марко Маринковиќ, познат како Слаткаристика, доби поддршка од Агенцијата за филм, раперот се огласи на социјалните мрежи и откри дека филмот сепак ќе се реализира без доделените средства.
Препорачано
Како што наведува Слаткар, деновиве прочитал „секакви коментари и вести“ и видел колку лесно јавноста суди кога „знае половично или воопшто не знае“.
– Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари – напиша Слаткар.
Според него, поддршка добил документарен филм и тим кој веќе две години работи на приказна што преку неговиот живот зборува за многу повеќе од него самиот.
– Искрено сум благодарен на Комисијата од Агенцијата за филм која ја препозна важноста на оваа тема. Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера – додава раперот во објавата.
Биографскиот музички документарец е со наслов „Слушни ме!“ и е во режија на Раша Петровиќ.


