ВИДЕО | Рита Ора пред концертот во Охрид: Возбудена сум, ќе бидам со семејството
Светската музичка ѕвезда Рита Ора испрати видеопорака до македонската публика во пресрет на нејзиниот концерт, кој ќе се одржи на 1 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Препорачано
Пејачката не ја криеше возбудата поради настапот во Македонија и порача дека со нетрпение го очекува концертот.
„Возбудена сум за концертот во Охрид и се радувам што сум толку блиску до дома. На концертот ќе биде моето семејство и пријателите“, им порача Рита Ора на македонските обожаватели.
View this post on Instagram
Настапот во Охрид е најавен како еден од најголемите музички спектакли ова лето. Публиката ќе има можност во живо да ги слушне најпознатите хитови на светската поп-ѕвезда, проследени со современа продукција, впечатливи визуелни ефекти и сценографија.
Покрај Рита Ора, на сцената ќе настапат и Сенида и „Два бона“, а организаторите најавуваат вечер исполнета со музика, енергија и богата концертна програма.
Концертот ќе се одржи на 1 август на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, а билетите се достапни преку платформата „Купи карта“.


