Енди Серкис одговори зошто сите актери во новиот филм „Господар на прстените“ се белци и нема да прави отстапки од замислата
Режисерот и актер Енди Серкис се најде во центарот на вниманието по неговото последно интервју за „Би-би-си“, каде што мораше да одговара на прашања поврзани со недостигот на етничка разновидност во неговиот нов филм „Господар на прстените: Потрагата по Голум“ (The Hunt for Gollum), пишува „Верајети“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Проектот, кој веќе е во фаза на продукција, досега најави актерска екипа составена исклучиво од бели актери, меѓу кои се: Џејми Дорнан, Ања Тејлор-Џој, Кејт Винслет, Ли Пејс, Лео Вудал, како и повратниците во франшизата Елајџа Вуд и Ијан Меккелен, покрај самиот Серкис во насловната улога.
Влијанието на нордиската митологија
Запрашан од новинарите зошто кастингот е толку едноличен, Серкис објасни дека одлуката е директно поврзана со оригиналните извори на Толкин:
„Самиот Толкин беше под силно влијание на нордиската митологија и тоа чувство е многу присутно. Округот (The Shire) се ‘чувствува’ како едно многу, многу бело место … Жителите таму не се премногу загрижени за тоа што се случува надвор од нивните граници, но добро знаат дека не сакаат надворешни луѓе да им доаѓаат внатре“, објасни Серкис.
Тој додаде дека е свесен за критиките во јавноста, но дека нема намера да прави отстапки само за да задоволи одредени социјални норми.
„Да, имаше критики. Овој филм на некој начин го признава тоа. Но, не верувам дека ќе правиме политичка верзија на филмот, каде што ќе одбереме актери само за да „штиклираме кутии“ за разновидност. Разновидноста ќе ја применуваме само таму каде што е релевантна за приказната“, јасен е режисерот.
Контраст со серијата „Прстените на моќта“
Прашањето за расната разновидност во Светот на Толкин не е ново. Претходно, серијата на Амазон, „Прстените на моќта“ (The Rings of Power), се соочи со жестоки расистички напади од дел од фановите токму поради вклучувањето на актери со различна боја на кожата.
Тогаш, дел од оригиналната актерска екипа од трилогијата на Питер Џексон, Елајџа Вуд, Били Бојд и Доминик Монахан, јавно застанаа во одбрана на серијата, носејќи маички со порака:
„Толкин создаде свет кој по дефиниција е мултикултурен. Свет во кој слободните народи од различни раси и култури се здружуваат за да ги победат силите на злото. Нашиот свет никогаш не бил целосно бел, фантазијата никогаш не била целосно бела, па ниту Средната Земја не е само бела“.
Останатите членови на екипата за новиот филм допрва треба да бидат објавени, а светската премиера на „The Hunt for Gollum“ е закажана за 17 декември 2027 година.
Откриена е актерската екипа за новиот филм „Господарот на прстените“ – еве кој ќе го глуми Арагорн


