Пожар кај Сарагоса, фото: EPA/TONI GALAN

ВИДЕО | Огромен пожар во североисточна Шпанија, евакуирани се над 1.000 луѓе во пет општини

Во најголемиот шумски пожар во Шпанија годинава изгореа околу 12.000 хектари во североисточната провинција Сарагоса, принудувајќи повеќе од 1.100 луѓе да се евакуираат додека пожарникарите продолжуваат да се борат со огнената стихија, објави денес шпанската телевизија РТВЕ.

Надлежните соопштија дека пожарот, кој избувна во средата во регионот Синко Виљас, останува „прилично активен“ и дека во текот на ноќта кон петокот дополнително се проширил. Пожарот доведе до евакуација на пет општини во Сарагоса и една во соседната провинција Навара.

Огнот се прошири на периметар од околу 60 километри, а неколку патишта остануваат затворени. Електричната енергија е обновена во сите погодени градови.

Околу 400 припадници на копнените екипи и 19 летала беа ангажирани во гаснењето на пожарот, при што пожарникарите синоќа се фокусираа на заштита на домовите во местото Ункастиљо.

Истовремено, шумскиот пожар во Ла Миерла, во северната провинција Гвадалахара, сè уште е активен откако изгореа околу 900 хектари, што доведе до евакуација и блокада на околните заедници.

Регионалната Влада побара помош од шпанската Воена единица за итни случаи, која испрати околу 100 припадници да помогнат во операциите за гаснење.

Во меѓувреме, ситуацијата со пожарот кај Лозојуела, северно од Мадрид, се развива во поволна насока, но сè уште не е целосно ставен под контрола. До попладнево денес во него изгореа речиси 70 хектари. Истовремено, во регионот Синко Виљас, надлежните ги одржуваат мерките за блокада на одредени делови, а два патни правци остануваат затворени за сообраќај.

Граѓанската гарда уапси маж осомничен за предизвикување на пожарот во регионот на Мадрид, а регионалната Влада најави дека ќе се приклучи на правната постапка како оштетена страна.

Според известувањата, високите температури, силните ветрови, ниската влажност и густата вегетација по дождливата пролет придонеле за ширење на пожарите. Експертите, исто така, како фактори кои го зголемуваат ризикот од шумски пожари ги наведуваат климатските промени и напуштањето на руралните средини.

Големи пожари по топлотниот бран во Јужна Европа, евакуирани се 10.000 луѓе во Франција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот