Ќе се снима документарен филм за Слаткаристика: „Мислев дека моите зборови не вредат доволно“
Македонскиот рапер Марко Маринковиќ, познат како Слаткаристика, ќе добие документарен филм. Биографскиот музички документарец „Слушни ме!“, во режија на Раша Петровиќ, е меѓу проектите што добија поддршка на годинашниот конкурс на Агенцијата за филм.
Препорачано
Со објава на својот фејсбук-профил, музичарот проговори за својата животна борба со говорната потешкотија со која се соочува уште од детството.
„Како дете, долго време мислев дека моите зборови не вредат доволно. Затоа почнав да пишувам стихови уште од моментот кога научив да држам молив во рака. Малку подоцна спасот го пронајдов во ритамот и почнав да правам песни. Денес музиката е мојата кариера и животна мисија“, напиша Слаткаристика.
Тој откри дека низ животот често се соочувал со предрасуди и потценувања поради проблемот со говорот, но токму музиката му помогнала да пронајде начин да се изрази.
„Јас мојата пречка ја надминав кога почнав да комуницирам преку музика. А денес сум среќен што утреден некој мал Марко ќе знае дека неговиот глас може да биде чуен и моќен“, порача раперот.
Иако засега не се откриени повеќе детали за документарецот, неговата исповед наведува дека дел од филмот би можел да биде посветен токму на личната борба што стои зад неговата музичка кариера.
Проектот „Слушни ме!“ е меѓу прифатените проекти на првиот рок од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година, за кој Агенцијата за филм обезбеди вкупен буџет од 93 милиони денари.
ФОТО | Слаткар доби сребрена плакета од Јутјуб: „Ова е само почеток, одиме до еден милион“


