Без паника — пет начини како да ги одвлечете децата од бесконечното „скролање“ на телефоните
Секој родител барем еднаш се соочил со фрустрацијата наречена „бесконечно скролање“ на децата на социјалните мрежи. Додека владите веќе размислуваат за воведување на мерки за заштита на најмладите, експертите за родителство нудат пет практични совети како да ги тргнете децата од екраните, барем на кратко, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
1. Почнете со мали чекори и бидете реални
Ако мислите дека наглото одземање на телефонот е решение, детскиот психолог д-р Џејн Гилмор предупредува дека тоа само ќе создаде отпор.
„Менувањето на навиките е секогаш тешко. Затоа, разговарајте за правила во мирни моменти, а не во екот на расправија за времето поминато на телефон. Мирниот мозок најдобро комуницира“.
Како прв чекор, одредете едно неутрално место во куќата (на пример, посебен шкаф) каде што ќе стојат полначите и каде што телефоните задолжително се оставаат кога не се користат.

2. Соработувајте, не наметнувајте правила
Тинејџерите многу подобро реагираат кога се вклучени во процесот, тврди психологот д-р Мерихен Бејкер. Наместо само да поставувате забрани, покажете разбирање за нивната потреба да бидат поврзани со врсниците:
„Разбирам дека таму се дружиш со пријателите и дека постои притисок да бидеш постојано онлајн. Но, ајде заедно да се договориме кој дел од денот нема да се користи телефонот“.
Покажувањето искрен интерес за содржините што тие ги гледаат на интернет гради доверба и ја олеснува соработката.

3. Претворете го времето пред екран во можност за учење
Наместо да се борите против трендовите што не ги разбирате, искористете ги за отворен разговор. Поставете им прашања кои ќе ги поттикнат да размислуваат критички:
„Како мислиш дека работи оваа апликација за да те задржи толку долго да гледаш во неа?“, „Дали знаеше дека тие заработуваат повеќе пари кога ти поминуваш повеќе време таму?“.
Ова е одличен начин заедно да ја вежбате нивната дигитална писменост и да ги научите како да препознаваат вистинити од лажни информации.
4. Бидете добар пример за однесување
Не е тајна дека децата ги имитираат своите родители. Поради тоа, здравите навики мора да почнат од самите нас. И тука помага искрен, па дури и самокритичен разговор:
„Сите сме виновни за ова, признавам дека и јас понекогаш претерувам со мојот телефон“.
Експертите советуваат дека и за возрасните и за децата е корисно да ја прифатат досадата. Кога децата се жалат дека немаат што да прават и само гледаат во една точка, тоа е всушност позитивно, бидејќи така се поттикнува креативноста и размислувањето.

5. Без паника
Да се одгледуваат деца во ера кога екраните се насекаде е исклучително тешко, но родителите не треба да паѓаат во замката на морална паника.
Д-р Тони Сампсон од Универзитетот во Есекс потсетува дека детскиот мозок има неверојатна способност за адаптација. Социјалните мрежи не го уништуваат вниманието на децата, туку само го пренасочуваат за комерцијални цели. Наместо страв, фокусот треба да биде на тоа како технологијата да се искористи позитивно, за креативност, истражување и учење.


