Нолан проговори за својот епски предизвик вреден 250 милиони долари — „Мислев дека загризав повеќе отколку што можам да проголтам“
По историскиот триумф со филмот „Опенхајмер“, култниот режисер Кристофер Нолан се соочува со најголемиот предизвик во својата кариера. Неговиот најнов епски спектакл, адаптација на Хомеровата „Одисеја“, во кој се вложени неверојатни 250 милиони долари, конечно пристигнува во кината, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во пресрет на светската премиера во Лондон, Нолан признава дека сè уште чувствува огромен страв од тоа како публиката ќе го прими филмот.
„Во моментов чувствувам голем притисок. Никогаш не станува полесно, бидејќи јас правам филмови за публиката. Немам зад што да се скријам. Мислам дека немаше да си ја работам добро работата ако не бев преплашен пред секоја премиера. Мора да преземате ризици“, вели Нолан.
Филм овозможен благодарение на успехот на „Опенхајмер“
Идејата за овој филм кај Нолан тлеела цели 20 години, уште од почетокот на 2000-тите кога за малку ќе го режираше филмот „Троја“. Неговата сопруга и продуцентка, Ема Томас, открива дека овој проект никогаш немало да го види светлото на денот доколку Нолан не ги освоеше Оскарите.
„Не постои свет во кој би можеле да отидеме во студио и да кажеме: ’Сакаме да адаптираме поема стара 2.700 години‘ и тие веднаш да ни дадат огромен буџет. Тоа немаше да се случи без успехот на ’Опенхајмер‘“, искрена е Томас.
Најтешкото снимање во кариерата – 7 амбициозни филмови во еден
Продукцијата траела шест месеци, а екипата поминала низ шест различни земји, преминувајќи пустини, планини, мориња и арктички предели, каде до локациите често се стигнувало само со хеликоптери или со долго пешачење под полна опрема со тешки IMAX камери.
„Беше физички зстрашно. Имаше моменти кога навистина чувствував дека можеби загризав повеќе отколку што можам да проголтам. Природата и реалниот свет ви даваат размер и опции кои не можете да ги постигнете во студио“, објаснува режисерот.
Силни женски ликови и одговор на „културните војни“
Пред премиерата, филмот веќе се соочи со одредени напади на социјалните мрежи поради изборот на актерската екипа, особено за кастингот на Лупита Нионго како Елена и Елиот Пејџ како Синон. Сепак, Нолан нагласува дека во филмот ги напишал своите најсилни женски ликови досега.
„Во оригиналниот текст тие се само икони, нема многу зад нив. Она што го сакам кај жените во овој филм е тоа што тие ѝ даваат хуманост на иконата. Гледајќи ја Лупита како Елена, одеднаш сфаќате што навистина значи да се биде катализатор за толку голема војна и опсада“, вели Нолан, кој во филмот ги собра и Мет Дејмон (како Одисеј), Зендаја (Атина), Том Холанд и Ен Хетевеј (Пенелопа).
Покрај напорната работа и холивудските ѕвезди, Нолан открива дека во приватниот живот најголема утеха по заминувањето на неговите четири деца од дома му е неговиот нов миленик, чоколадниот лабрадор Чарли. Симболично, кучињата имаат важна улога и во самата „Одисеја“, каде кучето Аргос е првото што го препознава Одисеј по 20 години отсуство.
„Ова е филм што не смеете да го пропуштите“: први реакции за „Одисеја“ на Кристофер Нолан


