„Ова е филм што не смеете да го пропуштите“: први реакции за „Одисеја“ на Кристофер Нолан
Долгоочекуваниот фантастичен еп „Одисеја“ (The Odyssey) на режисерот Кристофер Нолан следната недела пристигнува во кината, а првите реакции по светската премиера во Лондон најавуваат уште еден голем успех за славниот автор. Оние што веќе го погледнаа филмот на социјалните мрежи го опишуваат како „апсолутен триумф“ и дело што „мора да се гледа“.
Препорачано
Нолан за својата адаптација на Хомеровата епска сага собра импресивна актерска екипа. Улогата на Одисеј ја толкува Мет Дејмон, а покрај него играат Ен Хатавеј, Том Холанд, Роберт Патинсон, Лупита Нионго, Зендеја, Шарлиз Терон и Џон Бернтал.
Светската премиера на „Одисеја“ се одржа на 6 јули во Лондон, а пред објавувањето на целосните рецензии, критичарите ги споделија своите први впечатоци.
„’Одисеја’ е неверојатна. Исполнета е со интензивни и спектакуларни сцени, проследени со музика што продира до коска, а кулминира со завршен чин кој е рамноправен со сè што Нолан досега снимил“, напиша Ијан Сандвел, филмски уредник на „Дигитал спај“. Тој додаде дека љубителите на оригиналното дело можеби нема да бидат воодушевени од некои промени во адаптацијата, но дека „кога станува збор за целокупното филмско искуство, никој не го прави тоа како Нолан“.
Клејтон Дејвис од „Варајети“ оцени дека филмот потсетува на „Хамилтон“ во режија на Нолан, истакнувајќи ја разновидната актерска екипа и силните изведби на Мет Дејмон и Том Холанд.

„Адаптацијата на „Одисеја“ е епска во секоја смисла на зборот, со некои од најспектакуларните сцени што Нолан некогаш ги снимил. Ова е колосално достигнување, дури и според неговите високи стандарди“, напиша Мет Неглија од „Некст Бест Пикчр“.
Ерик Дејвис од „Фанданго“ и „Ротен Томатос“ го нарече филмот „апсолутен триумф и круна во кариерата на еден од најголемите режисери на нашето време“, додавајќи дека станува збор за „филмскиот настан на летото, а можеби и на целата година“.
Позитивните оценки ги заокружи и Џереми Матаи од „Слешфилм“, кој напиша дека „Одисеја“ ги има сите елементи на голем филм.
„Тоа е ‘Десетте заповеди’ на Кристофер Нолан – филм со огромен размер и спектакл, кој притоа не ја губи својата интимност“, истакна тој.
Пред премиерата беше потврдено дека „Одисеја“ трае 172 минути и 23 секунди, односно нешто повеќе од два часа и 52 минути. Сепак, тоа не е најдолгиот филм во кариерата на Нолан, бидејќи тој рекорд и натаму го држи „Опенхајмер“ (Oppenheimer), кој трае три часа.
„Одисеја“ во кината пристигнува на 17 јули.
Мет Дејмон морал да ослабе за улогата во „Одисеја“, еве што отстранил од исхраната


