Иницијативите на опозицијата не поминуваат кај мнозинството во Советот на Град Скопје, без оглед дали се добри или не
Ниедна од иницијативите кои ги предложи советничката група на Левица на денешната седница на Советот на Град Скопје не беше прифатена, поточно не се најде ни на дневен ред на седницата затоа што мнозиството советници, односно советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа за овие предлози.
Препорачано
Советничката група поднесе Иницијатива за доделување еднократна финансиска помош во износ од 500.000 денари за издавачката куќа „Антолог“, која претрпе огромни материјални штети во неодамнешното невреме, кога беа поплавени магацинските простории на ова издаваштво и притоа уништени десетици илјади книги, опрема и инвентар создаван со години.
Поплавите уште еднаш ги покажаа слабостите на градската атмосферска и комунална инфраструктура. Иако предложените 500.000 денари не можат да ја надоместат повеќемилионската штета, Град Скопје има обврска да покаже институционална солидарност кон оние што ги сносат последиците од ваквите системски пропусти – сметаат од Левица.
Но, како што објаснија од Градот градоначалникот веќе му дал еднократна парична помош за „Антолог“ од 50 000 денари, а издавачката куќа, како и неколку други компании кои претрпеле штети од невремето биле упатени да направат проценка на штетата и да пријават. Поради тоа не беше прифатена поднесената Иницијатива.
На дневен ред не се најде ниту Иницијативата, која ја предложи советничката Дарја Мустафаоглу, со која се предлага временската важност при секое валидирање на билетите во автобусите да биде 2 часа откако ќе биде извршена валидизација. Тоа, како што објасни советничката во услови на лош автобуски превоз во кои одредени делови на градот не се воопшто поврзани, би им овозможило на граѓаните кога одат на работа да можат да сменат два или три автобуса без да плаќаат за секој поединечно.
Всушност станува за пракса што е одамна прифатена во многу европски земји каде граѓаните можат во одреден временски период да сменат повеќе автобуси или да комбинираат неколку превозни средства од јавниот превоз, автобус, метро и железница.
Милица Давчева пак иницираше Советот да донесе одлука за редовно и сеопфатно миење на сите главни улици и на секундарната мрежа во населбите со цистерни, со цел чистење на сливниците и превенција од поплави. Одговорот од градската администрација беше дека Градот не е надлежен за локалните улички, дека може да помогне, но дека нема доволен број цистерни за тоа да го направи.
Слично помина и Иницијатива за донесување одлука за определување на минимални техничко-хигиенски услови во автобусите на приватните превозници, при што беше образложено во какви автобуси секојдневно мораат да се возат граѓаните – валкани, без клими и без прозорци.
Мнозинството советници одби да дискутира и за инцидентот со избеганите бели волци во ЗОО Скопје, а претседателот на Советот, Даме Димитровски рече дека ќе се побара писмен извештај за настанот од Зоолошката градина.


