Доналд Трамп пристигна во Анкара на самитот на НАТО/ Фото: EPA/DOGUKAN KESKINKILIC / POOL

Самит во Анкара: Трамп спремен да го тестира единството на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се труди да ја одржи обединета Алијансата, а Трамп ангажиран. Но, споровите околу поделбата на товарот, воените обврски на САД и војната во Иран, се голем тест за единството на НАТО.

Марк Руте на неговата последна посета во Вашингтон кон крајот на јуни дојде добро подготвен. Кога Доналд Трамп почна со поплаки за европските сојузници и нивната неподготвеност да ги поддржат САД за време на војната против Иран, генералниот секретар на НАТО не штедеше на пофалби. И покажа кон големи паноа украсени со златни наслови, едното насловено како: „Билионот на Трамп“.

Пред камерите, Руте беше во полна форма. „Сакам да ви покажам што успеа да постигне овој претседател“, изјави Руте пред печатот, нагласувајќи ги дополнителните 1,2 трилиони долари во издатоците за одбрана од страна на европските сојузници и Канада од 2017 година, кога Трамп првпат ја презеде функцијата.

Само неколку дена пред почетокот на клучниот самит на НАТО во Анкара што треба да почне на 7 јули, Марк Руте ја исполнуваше неговата веројатно најважна задача – да го задржи Доналд Трамп во друштвото.

Самитот ќе ги собере лидерите на 32-те земји сојузнички во НАТО и тоа во момент на растечка неизвесност, во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток и тековната војна на Русија со Украина. САД ја преиспитуваат својата воена поставеност во Европа, а многу европски влади се загрижени колку Трамп де факто ќе остане посветен на безбедносниот сојуз.

Самитот во Анкара со цел да „изнесе аргументи во полза на НАТО“

Стратегијата на Руте за одржување на Алијансата е додворување на Трамп, нагласување на придобивките од НАТО за САД и претставување на напорите на европските сојузници за зголемување на издатоците за одбрана. Шефот на НАТО сака да избегне јавни дебати во Анкара и да го покаже сојузничкото единство.

Клаудија Мајор, експерт за трансатлантска безбедност во тинк-тенкот Германски Маршалов фонд, за ДВ вели дека загрижените лидери ќе се обидат да испратат порака дека Алијансата е сè уште силна – и ќе гледаат „да го задоволат Трамп и да заговараат аргументи во полза на НАТО“.

Така може да се сфати зошто Руте – очајно барајќи заеднички именител по секоја цена  – на овогодишниот самит го стави производството за потребите на војската во преден план.

Се очекува да открие нешто што го нарекува „револуција во одбранбената индустрија“, вклучувајќи десетици милијарди долари во нови договори и набавки за Европејците кои сакаат да го зголемат производството на оружје.

Целта на Руте е „да покаже дека има пазар за американската индустрија и да изнесе економски аргумент во корист на НАТО, кој пак за Трамп ќе биде атрактивен“, барем според надежите на Руте, вели Мајор.

САД ќе ги надгледуваат сојузниците во Европа

Дали таа навистина ќе функционира, останува да се види.

„Ако едно нешто научивме за американскиот претседател во последните една и пол година, е дека може да биде пречка и оти е тешко да се предвиди што ќе прави“, вели Мајор.

Таа непредвидливост дојде до израз и на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел на 18 јуни, кога секретарот за одбрана на Трамп, Пит Хегсет, најави ревизија на американските трупи распоредени во Европа и на воените пунктови таму. Хегсет упати и отворено предупредување.

„Нашата национална одбранбена стратегија јасно наведува дека ќе ги стимулираме и ќе  им овозможиме на нашите сојузници да си го дадат својот удел“, рече тој.

„Затоа, ќе ги следиме внимателно сојузниците кои не го прават тоа и кои велат не, или можеби, или ќе чекаме и ќе видиме токму кога е најважно. Ревизијата некои земји нема да ја положат, а други пак ќе ја поминат со одлични резултати“, рече тој. Суровиот тон предизвика извесна иритација кај останатите министри. Ревизијата беше очекувана – европските влади долго време очекуваа постепено намалување на улогата на САД во Европа. Нивната загриженост е само во однос на брзината со која тоа ќе се одвива.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус предупреди да не се создадат празнини за време на транзицијата. „Се работи за план. Станува збор за синхронизиран начин да се направи повлекувањето“, рече тој по состанокот на министрите за одбрана.

„Најрелевантен предизвик е да се избегнат опасни празнини во капацитетите“, заклучи тој.

На Европа ѝ е потребен сопствен план за да управува со транзицијата, смета Мајор и додава дека „доколку САД одлучат оти веќе не сакаат да играат клучна улога во Европа, Европејците мора да надоместат – и подобро е тоа да го сторат брзо со оглед на заканата од Русија и целокупната геополитичка фрагилност околу Европа“, оценува таа.

По притисокот од САД, европските сојузници на НАТО и Канада ги зголемија издатоците за одбрана за 20% во 2025 година во споредба со претходната година.

Поддршка за Украина високо на агендата

Важен дел од самитот во Анкара ќе биде и обезбедувањето натамошна поддршка за Украина, вклучително и потенцијално финансирање со нови милијарди долари за засилување на одбраната и безбедноста на земјата. Според новинската агенција АФП, европските членки на НАТО и Канада ќе се обврзат да ѝ дадат на Украина 70 милијарди евра (80 милијарди долари) воена помош за годинава и за следната. Но, тензиите меѓу европските сојузници околу поделбата на товарот продолжуваат, при што Руте постојано бара помошта за Украина да биде порамномерно распределена меѓу партнерите на НАТО. За Мајор, централното прашање на самитот на НАТО не се трошоците за одбрана или договорите за набавки, туку политичкото единство.

„Ако самитот покаже политичка поделба, ако има отворен спор, ако претседателот на САД критикува еден сојузник дека не троши доволно, дека не прави доволно за војната во Иран, тоа ја заслабнува политичката кохезија, а со тоа и пораката за воено одвраќање и одбрана“, посочува експертот.

Но, има претпазлив оптимизам дека сојузниците ќе демонстрираат единство. На самитот на Г7 минатиот месец во Франција, Трамп се изрази со многу покооперативен тон и им се придружи на другите лидери во поддршката на дополнителен притисок врз Русија и претседателот Владимир Путин, вклучително и дополнителни санкции за извозот на нафта и банкарскиот сектор.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц исходот го толкуваше како позитивен и рече дека испраќа важен сигнал за Украина и најавува „нов тон во трансатлантското единство и решителност“. „Тоа можеби за прв пат, може да отвори шанса за мир“, рече Мерц.

Единството на НАТО на реален тест

Лидерите на НАТО се надеваат на слично единство во Анкара. Се очекува декларацијата од самитот да го потврди Член 5, клаузулата за заемна одбрана на Алијансата, во која се наведува дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите. Тие се надеваат и дека ќе се задржат на наративот што ја опишува Русија како долгорочна закана за евроатлантската безбедност – двата клучни приоритети за европските сојузници. Но, одвраќањето функционира само ако тоа ветување е и веродостојно. И затоа единството е вистинскиот тест со кој се соочува НАТО во Анкара.

Извор: DW/ Автор: Катарина Крол

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот