Еден од критичните локалитети во Лојане, сниман со дрон во 2021 година

Владата издава нови рударски концесии во цела источна Македонија — „Здрава котлина“ порачува: Време е за отпор

Владата распишала концесии за проспекциски геолошки истражувања за рудници во речиси цела источна Македонија, а одлуката е веќе објавена во Службен весник на 3 јули, потпишана од заменик-министерот за земјоделство објави еколошкото здружение „Здрава котлина“, кое со години се бори против отворање на рудници и уништување на животната средина.

Активистите најавуваат жесток отпор против давањето државна земја на приватни фирми за отворање рудници.

„Ова е повик за сплотеност, будност и долгорочен отпор против рударските јаничари во владата кои се дрзнаа повторно со одлука на Влада да издадат и продадат македонската земја на светските рудари и да ја направат колонија заради пари на поединци во врвовите на политичките партии, Додека обичниот народ се бори за пристоен живот, чист воздух и за заштита на сопствениот имот, луѓето во фотелјите со еден потпис решаваат да ја претворат нашата татковина во рударско решето“, реагираат од еколошката организација.

Новата Одлука на Владата од 30 јуни 2026 година, објавена во „Службен весник“ и потпишана од заменик-премиерот Љупчо Димовски, „Здрава котлина“ вели дека „не е ништо помалку од декрет за претворање на нашата татковина во рударска колонија“.

„За да се одбраниме, мора да ја разбереме подлоста на планот кој се спроведува зад грбот на народот. Ова не е обично геолошко истражување, туку прецизно скроена еколошка опсада: Монструозна густина на мал простор: Преку Членот 3 од оваа владина одлука, во еден единствен простор („Исток“) се набиваат дури 27 општини – од Куманово и Кратово, преку Велес, па сè до Валандово, Гевгелија, Босилово, Василево, Струмица и Ново Село. Распродажбата на проспекциски концесии со толкава концентрација на толку мала и густо населена територија значи свесно укинување на животниот простор на македонскиот земјоделец“, стои во реакцијата.

Од „Здрава котлина“ сметаат дека постои измама со тврдењата дека ќе се прави „само истражување“.

„Високите структури на власта лажно ве спинуваат дека ‘сега само се пребарува, а не се отвораат рудници’. Тоа е најобична лага за смирување на масите. Секој уништувачки рудник во историјата започнал токму вака, со проспекција која утре ќе послужи за уцена на државата со ‘арбитража’, ‘веќе потрошени пари’ и ‘требало порано’ да се буниме“, велат од организацијата.

Според „Здрава котлина“, меѓу другото, со ова се врши и „законскиот атентат врз сопственоста“. Односно, посочуваат оттаму, оваа одлука за проспекции се поклопува со спорните измени на Членот 55 од Законот за минерални суровини, кои, како што велат, беа насила во скратена постапка турнати во Собранието во април, а на кои здруженијата од цела Македонија бурно реагираа уште во април.

„Природата не е на распродажба“ – еколозите алармираат за предложените закони за минерални суровини и за концесии

„Со тие измени му се дозволува на концесионерот да добие Дозвола за експлоатација и да почне да копа на туѓа, приватна земја пред постапката за експропријација да биде завршена. Вашиот приватен имот и дедовина со закон се поништени во корист на приватниот профит“, нагласуваат еколозите.

Според нив, се повторува матрицата од 2014 година, а извршната власт го копирала потегот на владата на Никола Груевски и Владимир Пешевски од 2014 година, кога, велат тие, со сличен декрет биле дадени концесии за истражување во 22 општини во Источна Македонија, предавајќи им една четвртина од државата на странски корпорации кои бараа металични суровини.

„Тогаш само благодарение на масовната сплотеност на граѓаните од југоисточна Македонија, кои преку протести и референдуми кажаа НЕ за рудници во Гевгелиско, Валандовско, Струмичко беше спречена катастрофата“, посочуват од „Здрава котлина“.

Оттаму обвинуваат дека зад овие рударски зделки секогаш стојат истите поединци од високата власт кои, како што велат, претходно глумеле дека го штитат земјоделството.

„Поранешниот министер за земјоделство Ацо Спасеновски беше клучната фигура зад пропаднатиот рудник Казандол во Валандово преку компанијата ‘Сардич’. Кога државата го раскина тој штетен договор поради неисполнети обврски, овие инвеститори ја тужеа сопствената земја пред меѓународен суд, барајќи дури 380 милиони евра директно од вашите џебови. Многу патриотско нели.. И Спасеновски и актуелниот потписник на оваа најнова рударска офанзива, заменик-премиерот Љупчо Димовски, во минатото беа под тешки кривични истраги токму за злоупотреби со доделување на државно земјоделско земјиште. Додека Спасеновски тогаш заврши во куќен притвор, Димовски бесрамно се спаси од одговорност криејќи се зад пратеничкиот имунитет. Денес, истиот тој човек ја потпишува одлуката со која половина Македонија се претвора во рударско решето. А што е со западна Македонија?“, прашуваат од здружението.

Воедно, преку соопштението велат дека ќе има мобилизација за долгорочен отпор, а „борбата што е пред нас не е спринт, туку маратон на издржливост“.

„Власта се надева дека народот ќе се умори, дека еколошките здруженија ќе се исцрпат и дека револтот ќе згасне. Затоа, нашиот одговор мора да биде паметен, долгорочен и максимално организиран“, нагласуваат од „Здрава котлина“.

Од таму ги повикуваат советите во општините да дадат негативно мислење на секое пристигнато барање за проспекција, а притоа велат дека советниците и градоначалниците мора да се под постојан притисок, со цел „да не им текне да издадат позитивно мислење“.

„Бараме итно отворање и целосно објавување на секое барање за мислење доставено до локалните општини. Народот има право да знае кога некоја корпорација фрлила око на неговата нива. Граѓанска самоорганизација на терен: формирање на локални одбори за будност во секое село и во секој град низ Југоистокот и пошироко. Мора да бидеме подготвени за брза реакција во моментот кога првиот нелегален багер ќе се обиде да згазне на приватна сопственост. Целосна децентрализирана и хоризонтална организација на автономни јадра кои свесно ќе делуваат единствено во корист на каузата против рударењето во нашиот реон. Активна мобилизација и спремност за масовни и синхронизирани протести и блокади на договорен повик во било кое време и локација што ние заеднички ќе го избереме! Научивме многу лекции овие десет години и време е да ги примениме!“, се вели во реакцијата.

„Рокот е истечен“ — еколошки организации бараат Владата да ги поништи концесиите за рудникот „Иловица“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот