„Природата не е на распродажба“ – еколозите алармираат за предложените закони за минерални суровини и за концесии
Предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство поттикнаа јавни реакции, особено меѓу еколошките организации, кои сметаат дека ваквите решенија отвораат сериозни ризици за животната средина, јавното здравје и ресурсите на Македонија.
Препорачано
Од „Спас за Гевгелија“ посочуваат дека предложените законски решенија се стигнати во Собранието по скратена постапка, а се покренати од пет пратеници. Иницијативата ова го карактеризира како „скандалозно и неприфатливо однесување“ и, како што велат, претставува демонстрација на злоупотреба на власта во државата.
„Не е дозволено, за вакво суштинско прашање, да се прескокнува јавната дебата, ставовите и мислењето на граѓаните и стручната јавност. На сличен начин се решаваа прашањата за новата територјална поделба, промената на знамето и името на државата, што остави тешки трауми во општеството, со последици кои ќе траат со децении. Со носење на неиздржани и неаргументирани решенија во рударството, негативните импликации врз човековата природа и околина ќе траат со векови, а ќе влијае и врз опстанокот на македонската држава. Ако се знае дека овој закон го регулира начинот и постапката на добивање на дозволи за геолошки истражувања и експлоатација за рудните богатства на државата, тогаш е јасно какви импликации овој закон има врз човековата околина и граѓаните на државата, посебно за држава како Македонија. Држава чие најголемо богатство се нејзините планини, реки, езера, единствената флора и фауна, што ја прави како еден од ретките еколошки бисери во Европа“, реагираа од „Спас за Гевгелија“.
Според иницијативата, рударството е најзагадувачката и најсмртоносната индустрија во светот, а не постои регион или држава во светот каде рударството донело развој, прогрес или просперитет.
„Напротив, тоа се најсиромашните и најнеразвиените региони со комплетно и неповратно уништена човекова околина, уништени градови и села, раселени цели региони, класичен екоцид. Пратениците во парламентот на Македонија не смеат да учествуваат во оваа предавство на сопствената држава и сопствениот народ. Само еден или два рудника ќе ја уништат Македонија“, стои во реакцијата, каде се дополнува дека „земјиштата покрај јаловиштата во Пробиштип, Велес, Лојане и Тополница се контаминирани до тој степен што согласно европските норми тие подрачја треба да бидат иселени и забранети за живеење“.
Од „Здрава котлина“ исто така реагираа што законските измени се ставени по брза постапка, кои, како што велат, би отвориле врата за концесионер да може да добие дозвола за експлоатација на минерални суровини на туѓа земја, без притоа да биде завршена и правосилна постапката за експропријација на земјиште.
„Ова во суштина значи дека се крши Уставот и заштитата на приватната сопственост е целосно еродирана во корист на трето лице и државата. Членот 55 се однесува на условите за добивање на дозвола за експлоатација на минерални суровини, што е финална препрека за отпочнување на градба на терен веќе следниот ден по прависилноста на дозволата. Со ова се ствара ризик за скапи судски процеси и високи оштетни побарувања од страна на сопствениците на земјата што е предмет на експропропријација, но и на концесионерите кои можат да тужат за опструкции и надомест на штета поради издадената дозвола а во услови на нерешени имотно-правни односи, што патем е и основата на условот за добивање дозвола за експолатација“, наведуваат од „Здрава котлина“.
Со други зборови, велат оттаму, ова е „сериозна правна несигурност, ерозија на уставот, законски упад во приватната сопственост и генерално општ хаос во случај кога не можат да се договорат страните спогодбено“.
„Ја повикуваме пратеничката Ели Панова да делува разумно и да го повлече овој избрзан предлог кој очигледно е правно неиздржан и ќе падне на Уставен суд, а во меѓувреме ќе продуцира многу спорови кои ќе се одразат на владењето на правото и заштитата на приватната сопственост. Ова има импликации на сите рудници (вклучително и Иловица-Штука) каде на мала врата се носи фалично законско решение без да се размисли за последиците! А последици ќе има!“, забележуваат од „Здрава котлина“.
Реакции стигнаа и од партиите
Левица веќе настапи со филибастер на Комисијата за економија за да ја развлече постапката и да ја алармира јавноста за, како што рекоа, штетните предлог-закони за концесии и јавно-приватно партнерство и за минерални суровини.
Координаторот на пратеничката група, Борислав Крмов посочи дека со предложените измени се отвора простор приватни фирми сами да иницираат јавно-приватни партнерства и потоа, преку формални механизми, да ги добиваат тендерите, што претставува нов модел за легализирање на однапред наместени зделки.
„Дополнително, измените во Законот за минерални суровини овозможуваат концесионери да добиваат дозволи за експлоатација без решени имотно-правни односи, односно со едноставна иницијатива за експропријација да навлезат и да експлоатираат на приватен имот. Ова во пракса значи дека граѓаните можат да се разбудат и да затекнат експлоатација на сопствениот имот врз основа на едно обично ливче хартија, а дополнително проблематично е што овие решенија би важеле и ретроактивно за веќе започнати постапки. Ваквата измена е наменета и за конзорциумот „Бехтел и Енка“ – договор кој ДПМНЕ во опозиција жестоко го критикуваше, а сега го надградува со скандалозни измени!“, рече претставникот на Левица.
Крмов потенцираше дека станува збор за измени кои директно ги нарушуваат темелните уставни вредности, владеење на правото и заштита на сопственоста и најави дека Левица ќе ги искористи сите правни механизми, вклучително и иницијативи до Уставниот суд, со цел нивно оспорување.
„Не само што немаме правна заштита на сопственоста, излегува дека според ДПМНЕ не сме ние луѓето сопственици на имотот, туку ние сме сопственост на странските корпорации“, нагласи Крмов.
Од ДОМ рекоа дека секоја измена мора да значи повисоки еколошки стандарди, поголема транспарентност и посилна заштита на граѓаните, а не, како што велат, олеснување на процедурите на штета на природните богатства и здравјето на луѓето.
„Минералните суровини се ограничено национално богатство и со нив мора да се управува стратешки, одговорно и долгорочно. Недозволиво е профитот на поединци или интересите на крупни компании да се ставаат пред чистата вода, плодното земјиште, здравата животна средина и иднината на локалните заедници. Македонија веќе има примери каде граѓаните јасно кажаа „не“ на проекти кои носат сериозни еколошки ризици. Наместо повторно отворање на прашања кои предизвикуваат оправдан страв кај јавноста, потребни се политики кои ќе обезбедат одржлив економски развој, зелени инвестиции и заштита на природните ресурси“, велат од ДОМ.
Од ДОМ бараат транспарентност за предложените законски измени, повлекување на решенијата кои ги намалуваат механизмите за контрола и заштита, задолжителна јавна дебата со експерти, граѓани и локални заедници, како и усогласување на законите со највисоките европски еколошки стандарди.


