Фирма на Австралиец со македонско потекло ќе го собира антимонот од Кривопаланечко со пари од Америка
По повеќе децении, рудникот за антимон „Крстов Дол“ кај Крива Паланка се подготвува за повторно активирање. На локацијата ќе работи „Пела глобал лимитед“ (Pela Global Limited)“, фирма во сопственост на Австралиецот со македонско потекло Ник Јовановски, чија главна стратешка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во земјава. Фирмата веќе е инсталирана и длабоко навлезена во бизнис водите во државава поврзани со минералите и енергетиката.
Препорачано
„Пела глобал лимитед“ и ДФЦ (U.S. International Development Finance Corporation) во Вашингтон потпишаа договор за финансиска поддршка во износ од 5 милиони долари, наменети за истражување на критични минерали во Македонија, за што се пофали и премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи дека антимон ќе се експлоатира од Кривопаленечко и ќе носи во Америка, како дел од Стратешкиот дијалог со САД.
Фирмата преку својот сајт пишува дека „финансирањето претставува значаен чекор во стратегијата на ‘Пела’ да стане краткорочен снабдувач на критични минерали за сојузничките пазари“.
„Договорот обезбедува финансиска поддршка за дефинирани активности за развој на проектот, вклучително и подготовка на Проценка на минерални ресурси, изработка на Оцена на влијанието врз животната средина и општеството, како и напредок на проектот кон фазата на изводливост. Проектот се темели на историска рударска активност и значителен обем на историски геолошки и технички податоци, вклучително и историски проценки на минерални ресурси и резерви подготвени и одобрени според поранешниот југословенски систем за известување“, соопшти компанијата.
Рудникот за антимон Крстов Дол е затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот. Според достапните податоци од овој рудник претходно биле извадени приближно 50.000 тони руда, но историскиот ресурс изнесувал повеќе во „неистражени паралелни структури“.
„Иако претходно биле експлоатирани околу 50.000 тони руда, историскиот ресурс е од категоријата Д1 од 2.916.000 тони, па заедно со неистражените паралелни структури, претставуваат ветувачки цели за истражување, со потенцијал за надградба и попрецизно дефинирање преку дополнително дупчење и истражувачки активности“, пишува на страницата на „Пела глобал лимитед“ .
Од една страна антимонот е релативно ретка минерална суровина, значајна во современата индустрија, особено во производството на батерии, огноотпорни материјали и легури. Од друга, за рудниците за антимон има сериозни еколошки предупредувања – тој и неговите соединенија се токсични за човекот и можат да претставуваат ризик за животната средина, особено при долготрајна изложеност. Ископувањето ги загадува подземните води, а дополнителен проблем претставува честата појава на арсен на истите наоѓалишта, како кај „Лојане“, што го зголемува ризикот од сериозно загадување во водата за пиење, почвата и храната.
Мицкоски најави нов рудник за антимон, а отровите од старото жариште уште не се исчистени
Преку социјалните мрежи се отвори дискусија и за тоа дали вршиме распродажба на рудните ресурси, со клучно прашање – ако има вредни метали зошто не ги копаме ние, туку им ги даваме на Американците?
Австралиската фирма „Пела глобал лимитед“ работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа, а Николче (Ник) Јовановски е само еден од директорите. На сајтот стои дека стратегија на оваа компанија е и „унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке“.
„Призма“ неодамна објави дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија формирала заедничка фирма со „Пела глобал лимитед“ за производство на електрична енергија од обновливи извори, при што влогот на МПЦ бил 20 отсто, а на австралиската компанија 80 отсто. Она што е важно исто така е дека МПЦ не плаќа даноци во државата, а наголемо формира фирми со странски партнери зад кои стои привилегирана релација со актуелната политичка гарнитура.


