Илустрација: „Слободен печат“/ Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“/ Елисавета Бејкова

Во ЕУ има 15,7 судии на 100 000 жители, во Македонија 20,1

Меѓу земјите на ЕУ, Хрватска и Словенија регистрирале највисоки соодноси, со 43,3 и 40,2 судии на 100 000 луѓе. Следат Луксембург (36,0), Бугарија (35,4) и Романија (35,3)

Европската Унија во 2024 година имала 15,7 професионални судии на 100 000 луѓе, што е намалување во споредба со 17,7 во 2014 година. Македонија, според податоците на Евростат, во 2024 година имала 20,1 судии на 100 000 жители. И кај нас, исто како во ЕУ, бројот на професионални судии има тренд на намалување, и е намален за повеќе од четири споредено со 2019 кога имало 24,3 судии на 100 илјади жители.

Меѓу земјите на ЕУ, Хрватска и Словенија регистрирале највисоки соодноси, со 43,3 и 40,2 судии на 100 000 луѓе. Следат Луксембург (36,0), Бугарија (35,4) и Романија (35,3). Од друга страна, најмалку имале Ирска со 3,6 судии на 100 000 луѓе, по што следат Австрија (4,3), Шпанија (6,2), Чешка (6,7) и Италија (7,9).

Во регионот најмногу судии на 100 илјади жители има Црна Гора – 42,49, потоа следи Србија со 40,18, Бугарија – 35,37, Грција – 26,06, Македонија – 20,15 и Турција – 16,66. За Албанија и Косово нема податок за 2024 година. За Албанија последниот податок е за 2023 кога имала 8,87 судии на 100 илјади жители, додека за Косово е од 2019 година кога има 23,33 судии на 100 илјади жители.

Во повеќето земји од ЕУ, жените професионални судии се позастапени. Само во Ирска уделот на машки судии (56,4%) е поголем од бројот на жени судии (43,6%). Во Словенија, судијките претставуваат 81,4% од сите професионални судии (694 жени наспроти 159 мажи), што е највисок удел меѓу земјите од ЕУ, а веднаш по нив следува Латвија со 79,7% жени судии (408 наспроти 104). Судството во Германија е речиси рамномерно поделено, при што судијките претставуваат 50,7% од сите професионални судии (11 139 наспроти 10 813).

Во Македонија речиси две третини од професионалните судии се жени (61,4%) во 2024 година. Во регионот највисок процент на жени судијки има Грција (75,5%), потоа следи Србија (73%), Босна и Херцеговина (64,8%), Бугарија (64,4%), Црна Гора (63,3%) и Албанија (55%).

Професионален судија, според дефиницијата на Евростат, се вработени официјални правни професионалци (со полно или скратено работно време) овластени да слушаат граѓански, кривични и други случаи, вклучително и во апелациони судови, и да донесуваат одлуки во суд, кои се регрутирани и се платени за да работат како судии. Оваа категорија ги исклучува непрофесионалните судии како што се судиите-поротници и магистратите-поротници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот